X
 29.10.2022 Култура

На денешен ден почина Ристо Крле. „Ние немаме касмет, вака сме се родиле и вака ќе се искинеме. Ќе нѐ јаваат до јавање...“

На денешен ден во 1975 година, во Скопје, почина Ристо Крле, македонски драмски писател и еден од првите членови на Друштвото на писателите на Македонија.

Ристо Крле е роден во 1900 година во Струга, како син на кондураџија. Неговото школување било краткотрајно, со чести прекини. До Првата светска војна, тој го завршил основното училиште и една година од средното училиште. Потоа, до 1916 година паузирал со образованието. Кога Македонија била под српска окупација, тој решил да го продолжи своето образование и успешно завршил уште една година од средното образование. Но, за жал, образованието на Ристо Крле било уште еднаш прекинато поради смртта на неговиот татко. Потоа тој немал можност да го продолжи своето образование. Како младинец, тој се вработил, и по завршувањето на Првата светска војна ја наследил професијата на својот татко – станал кондураџија.

Неговата активност започна со групата на културните изведувачи „Црн Дрим“ од Струга. Четири години подоцна, Ристо Крле се приклучил на аматерската група на глумци – изведувачи и неговата желба беше да напише сопствена драма. Но, таа негова желба не се реализирала во скоро време. Во 1925 година, тој заминал во Поградец, на албанска територија, каде што живееле голем број Македонци. Таму прифатил да работи како комуналец, останувајќи една година. Кога работел во Албанија, Ристо ја добил идејата за неговата прва драма: „Парите се отепувачка“, која била премиерно изведена многу подоцна - на 27 декември 1938 година, на сцената на скопскиот театар.

Во продолжение ви пренесуваме извадок од драмата.

МИТРЕ:  Додека е вака за нас нема живот. Робови сме се родиле и, како што се гледа, робови ќе умреме. Главите ни даваа надеж во востанието, како би, и тоа пропадна. Кој е крив не знам, али гледам дека нема спас.

ПАНДЕ: Кој е крив? — Самите? (Се запалува и станува). Рибата од главата се смрдува! Дигаат востание уште неготови!...

КОТЕ: Па зошто не се причека? Ти одиш горе-долу, кажи што си научил!

ПАНДЕ: Големците - главните помеѓу себе не можеле да се разберат. И го фрлија народот пред време во борба; како слушам, велат за туѓи интереси, предавници! Народ оставија без ѓерамида на главата; мајки и жени завиени во црно; деца сираци!... За попустина. (Сите ги нишкаат главите одобрувајќи) А и сите ние сме криви!...

КОТЕ: Зошто пак и ние?!

ПАНДЕ: Како зошто?! Зар треба да ги праќаме децата на гурбет, да печалат пари?!... Пак в планина сѐ додека се истреби непријателот! Али со оние што умеат да го водат народот и што се за себе, а не се продадени кучиња!

ДЕПА: Што те стиоса, море Панде да прикажуваш само стравови! Поарно кажи нешто да се насмееме...

МИТРЕ: Прав е Панде. Да беше го кажал порано ова, немаше да го праќам Анѓелета на печалба, а планина, в планина младите да се борат против кучиња! Што дека ќе спечали кога утре друг ќе му ги јаде парите?!

КОТЕ: Така е! Така е, аклија е Панде! Еве четири во пет месеци од востанието поминаа, а тие четници што останаа живи уште се горе в планина. А што можат тие сами?!

ПАНДЕ: Сите треба горе, а после со пушка, нож и бомби долу!...

МИТРЕ: (скокнува и како да сака нешто околу себе да зграби и нападне). На јуриш долу: на уќуматите, валилаците!... На војската и заптиите!... За тоа, не на гурбет во Америка, в планина!... в планина сите! И ние вака што сме помлади, како Панде, јас!... (Покажува на Котета и децата). Овде оставање само тие што не им мрдаат нозете. Жените способни, да носат леб, пушки, фишеци, бомби!... Гнасотии едни, ние да ги оставаме коските на гурбет, а тие да ни ја кркаат потта наша. Гиди домуз олди домуз!...

КОТЕ: Така ќе јаваат сѐ дури не се разбереме оти сме едно. Се правиме кој едно, кој друго. Кој трга наваму, кој трга натаму! Дури не се оставиме од тоа: јас сум ова ти си она, за нас нема спас! Ништо не можеме да сториме! Ќе ни седат качени на главиве и ништо не можеме да им направиме. Вака!...

МИТРЕ: Така е, сѐ дури не се сториме едно ќе нѐ јаваат и ќе нѐ јадат.

ПАНДЕ: Таа работа — да се здружиме, стои од главите, а ние сме опашките.

МИТРЕ: Тие се криви, ние сме како овцине: ваму-ваму; таму-таму... Јас да излезе некој во народот и да рече: сите ние што сме потиснати — робови на агите на беговите, на царот да се здружиме и заедно да удриме на ѕверовите, а не да се делиме; да видите — чудо правиме! Челик сме бре ние!

КОТЕ: А да ни подадат рака и Срби и Бугари...

ПАНДЕ: Да ни подадат рака, тие да ги отворат клештите однадвор, а ние од внатре, али чесно!... Не после браќата да нѐ јадат.

КОТЕ: Да сме ние внатре сложни, може да се најдат некои што ќе нѐ споможат.

ПАНДЕ: Рековме: рибата од главата се смрдува!

ДЕПА: Море, ние немаме касмет, вака сме се родиле и вака ќе се искинеме. Ќе нѐ јаваат до јавање... Попустина само што си правиме муабети: вака ќе биде, онака ќе биде. Откако се знам, а еве преку шеесет ги имам, само тоа се збори и до ден денешен никому ништо. Кој си ја има силата си прави, а вие ништо не можете ни да сторите ни да направите. Толкумина ги имаат оставено коските по планините и сѐ за бадијала. Море луѓе, за маки сме родени! Да беше така - не ќе беше вака!

ПАНДЕ: Море, ќе ги откорнеме, само не знам кога!...

МАРА: Кога ќе изгине светот.

МИТРЕ: Еее... ништо не бива со лес... (Ја нишка главата). Мореее... ќе им дојдеме доака, туку што рече женава: „Откако ќе изгине народот“. А ќе им дојдеме доака, и нас ќе ни дојде умот!

ФРОСА: Ќе ни дојде умот откако ќе си оди кумот!...

КОТЕ: Дури е жива Србија тука е кумот! А, ако умре и таа, тогаш не ни останува ништо друго освен да се потурчиме.

МИТРЕ: Е, не е така, Бугарија е повеќе за нас...

ПАНДЕ: Ете тоа не ви чини; Коте што рече: Кој трга наваму, кој трга натаму; јас сум ова, ти си она...“ А еве сега пак истото! Едниот мисли на Србија, другиот на Бугарија. А бре, како ни се вика земјата така ни е името! Депа е жена и пред малку рече еден поумен збор: „Ние не сме Бугари... — само прескокна да рече не сме ни Срби, — туку сме си луѓе од местово наше — нашинци!“ Ете тоа сме бре, нашинци! Сите за името и тогаш сме фатени за рака.

Извор: Википедија
Тагови:

Издвојуваме

Култура