X
 29.11.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Испитувањата за донирање конвалесцентна плазма се бесплатни, а за жените што родиле се прават плус анализи

Кај жените што родиле се прави испитување за анти-HLA антитела

Во крвната плазма на лицето што било излекувано од Ковид-19 има антитела кои организмот ги создал во текот на борбата против болеста. Плазмата која ги содржи овие антитела што се борат со инфекцијата се нарекува конвалесцентна плазма и се користи за лекување на заболените од Ковид-19, бидејќи се врзува за вирусот во организмот на болниот, го намалува неговото дејство, а со тоа ја намалува и прогресијата на болеста.

И вие можете да спасите нечиј живот по закрепнувањето од болеста Ковид-19, велат од Институтот за трансфузиона медицина каде што се организира донирањето на плазмата.
Кај сите што сакаат да донираат се прават анализи, за да се провери дали може да бидат донори.

- Сите испитувања на потенцијалните дарители се бесплатни и отсекогаш биле бесплатни - вели доц. д-р Радица М. Грубовиќ-Растворцева, раководител на Институтот за трансфузиона медицина-Скопје, која заедно со д-р Седула Усеини е главен истражувач и национален проект-лидер на клиничкото истражување за колекционирање и употреба на Ковид-19 конвалесцентна плазма во лекувањето болни од коронавирус.

Како изгледа процедурата за оние што сакаат да донираат?

На веб-страницата на Институтот за трансфузиона медицина ги има потребните информации за процесот на тестирање и дарување на конвалесцентна плазма, како и телефонски број (078/488–459 од 08:30-19:30 часот) на кој потенцијалните дарители можат да ги контактираат медицинските лица.

- На истата страница се наоѓа и формуларот кој треба да го пополнат потенцијални дарители. Врз основа на добиените податоци од формуларот се повикуваат дарителите, првично за тестирање, а доколку ги исполнуваат сите услови, се повикуваат и за дарување конвалесцентна плазма - вели д-р Грубовиќ-Растворцева.

Конвалесцентна плазма може да дарува лица што се оздравени од Ковид-19, ако ги исполнуваат стандардните услови за дарување крв и дополнителните критериуми:

-Да имaат документиран лабораториски доказ дека биле болни од Ковид-19.
-Дијагностички тест – позитивен РТ-ПЦР тест или позитивен тест за анти–SARS-CoV-2 антитела, без разлика дали имале симптоми или биле асимптоматски.
-Позитивен серолошки тест за анти–SARS-CoV-2 антитела по оздравување (IgG), доколку не било спроведено дијагностичко тестирање.
-Минимум 28 дена пред дарување по комплетно повлекување на сите симптоми или по завршувањето на изолацијата.
-Или по комплетно повлекување на сите симптоми минимум 21 ден пред дарување е потребно: негативен ПЦР-тест или позитивен серолошки тест за IgG анти – SARS-CoV-2 антитела.


Д-р Радица М. Грубовиќ-Растворцева

Какви испитувања се прават кај жените што раѓале?

Кај жените што родиле се прави испитување за анти-HLA антитела.
- Постои мала веројатност во текот на бременоста да се создадат анти-HLA антитела, кои не му штетат на домаќинот, односно жената која ги има, но во многу ретки случаи би можеле да предизвикаат несакана трансфузиска реакција кај примателите на плазмата. Ние на овој начин сакаме максимално да ги заштитиме примателите на конвалесцентната плазма. На сите жени што биле бремени и раѓале им се прави испитување за анти HLA антитела - вели нашата соговорничка.


Фото: ИТМ

Постапката за дарување трае од 40 до 60 минути и се издвојуваат од 300 до 600 мл плазма, а останатите компоненти му се враќаат на донорот. Плазмата што е дарувана е течниот дел на крвта, кој брзо се надоместува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 55 килограми и кој ги исполнува критериумите.
Подготвил: Н.Б.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема