X
 29.11.2021 Наша тема

Новиот стрип на Матеј Богдановски го прикажува Скопје гледано од друг агол, од шахтата на Пацоф

Не мислам дека уметноста може да го менува општеството, барем не директно или непосредно. Историски гледано, никогаш не го правела тоа, туку била рефлексија на општествените случувања. Неретко уметниците не се ни сфатени во своето време, па нивните пораки ги разбирале отпосле, вели Матеј Богдановски


„Џукела и Пацоф“ е најновиот стрип на Богдановски, кој на еден саркастичен, провиден, јасен, комичен, жаргонски јазик го доловува секојдневието на двајца другари кои се клошари без работа и се шлаат по улиците на Скопје. По пат на алегорија, чисто и јасно, без премногу полемика, преку едноставна и кратка сцена се создава кристална слика за нивната конкретна ситуација, која е навидум едноставна, обична, но испраќа моќна порака. Со видлива конотација за општествените проблеми кои одамна болат, со концизен опис на одредени ситуации кои случајно или не потсетуваат на веќе познати јавни и политички настани или луѓе, а воедно во еден сегмент опипувајќи го и пулсот на културата која веќе извесно време дише на жабри, Богдановски создал современ стрип преку кој гребе, вреска и моли за помош за нормални услови за живеење во 21 век.



- „Џукела и Пацоф“ е симпатично стрипче во кое низ 40 независни епизоди, преку двата главни лика, низ убав хумор, сакам да ги отсликам моите согледувања за нашето општество денес. Двата лика се скопски губитници, денгуби, кои се снаоѓаат и гледаат да преживеат на некој свој начин во големиот град, кој иронично е сведен на деминутив - Скопјенце - вели авторот за своето дело.

Ликовите можете да ги сретнете во сите градови

Не само во главните протагонисти, туку и во останатите актери Маца, Чафка, Пудла... може да се пронајдат многу скопјани. Голема е веројатноста нивните однесувања, реплики да ве потсетат на некој ваш пријател, пријателка, на познајници или на некоја јавна личност или можеби на себеси. Го прашавме Богдановски за тоа дали неговите херои се впрочем отсликани ликови на луѓе кои тој ги познава, па му биле инспирација за да ја направи оваа урбана приказна:

- Ликовите не се инспирирани од никого конкретно, но се тип луѓе што можете да ги сретнете во градот, во сите градови, би рекол. Ликовите се на некој начин игра со стереотипите.



Скопје е сменето, за жал, на полошо, но тоа не значи дека не може да инспирира

Последните неколку години Матеј живее и се инспирира од охридскиот воздух, но и покрај тоа, неговиот стрип е посветен за „Скопјенце“. Во неговите очи некогашно Скопје е уништено, па токму овде се наметна прашањето дали носталгијата му беше инспирација да создаде дело за родниот град.

- Не сум носталгичен кон Скопје, не сум таков тип. Она Скопје што јас го знаев и ми беше драго сега е уништено. Градот е сменет, за жал, на полошо. Но тоа не значи дека не може да инспирира и понатаму. Зависи само со што ќе инспирира, дали со грди или со убави моменти. Што се однесува на тоа што му фали на Скопје, му фалат многу работи. Пред сѐ, му фали култура, онаа градска култура на живеење. Му фали ред, му фали јавен простор, зеленило, чист воздух, му фали фантазија, му фали визија за иднината, во каков град сака да се развива, му фали емпатија, му фали естетика, му фали космополитизам, му фалат луѓе на функции кои навистина ќе се грижат за него, му фали свесност за себе... многу работи фалат - вели Богдановски,

Но најпосле, некои делови на Скопје се убави без разлика од каде ги гледаш, дури и ако погледнеш од шахтата на Пацоф, нели?

- Мислам дека Скопје дојде до ова дереџе да нема многу убави глетки токму затоа што многумина го гледаа од шахтата на Пацоф, односно низ еден многу тесен аспект - објаснува авторот.



Низ неколку сцени во стрипот е прикажано постоењето на културата во општеството, како се воспримаат културните настани денес. И покрај честите критики што провејуваат во јавноста дека медиумите сѐ поретко зборуваат за уметност, а сѐ почесто за политика, Богдановски, можеби помалку саркастично, токму преку ТВ-репортер ја рефлектира состојбата на културата. Тој вели дека и не мисли многу на тоа како котира културата во Македонија, најважно за него е тој да создава добра уметност.

Вашите дела понекогаш знаат да бидат бурни, со гласна, гневна порака за општеството. Верувате ли дека гласот на уметниците може да го направи општеството подобро?

- Не мислам дека уметноста може да го менува општеството, барем не директно или непосредно. Историски гледано, никогаш не го правела тоа, туку била рефлексија на општествените случувања. Неретко уметниците не се ни сфатени во своето време, па нивните пораки ги разбирале отпосле. Ниту една слика кога била насликана во своето време не направила општествени политички промени, ако мислите на тоа. Но, сепак, за мене како уметник, најдобар начин да искажам некаков став или да го искажам својот револт околу нешто е преку мојата уметност. Така можеби посредно, со тоа што некој ќе комуницира со одредено дело и тоа ќе влијае врз изградбата на неговата личност, што потоа може да донесе општествени промени. Така може да се каже дека уметноста прави промени - вели Богдановски.

Деветтата уметност, како што го нарекуваат стрипот, претставувала моќна алатка за изразување на уметниците и во минатото. Цутот на стрипот како медиум во Македонија е по 60-тите години на 20 век.

Денес не можете да најдете стрип во најблискиот киоск, само во одредени книжарници, а прашање е колку новите генерации воопшто знаат што е тоа стрип?

- Не знам како стои стрипот кај помладата публика, која денес расте на телефон и на интернет и се осознава преку екран. Но генерално нашата стрип-публика е мала. Немаме развиена култура за овој вид уметност. Малку надеж ми влева внука ми, која има 15 години и сака да чита стрипови и купува некои соодветни за нејзината генерација. Но, некако ми изгледа дека таа е од исклучоците - објаснува Богдановски.

Што е добар стрип?

Богдановски го издвои култниот стрип „Сендмен“ од Нил Гејман како еден од неговите најдраги наслови.

- Ова би го одговорил аланфордовски: Сè што не е лош стрип, е добар стрип! Или да приспособам една мисла од Нил Гејман, неговата дефиниција би била соодветна и за ова прашање, а гласи вака: Сè што те тера да читаш понатаму и на крај не се чувствуваш измамен, тоа е добар стрип“ - вели уметникот Матеј Богдановски.


Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема