X
 30.01.2019 Живот

Венецуелската криза во пет графикони

Последиците од економската, хуманитарната и политичката криза во Венецуела се драматични - економијата е во слободен пад, има недостиг на храна, здравството е во лоша состојба, милиони луѓе се раселени... Нов момент во кризата беше кога опозицискиот лидер Хуан Гуаидо се прогласи за привремен претседател. Соединетите Американски Држави и други земји ја признаа неговата нова улога, дури и откако претседателот Николас Мадуро одби да се повлече.

Овие графикони помагаат во објаснувањето на тоа како земјата дојде до ова дереџе.

Колапс на нафтената економија



Вредноста на извозот на венецуелската нафта е најмала во последните десет години
Извор: Washington Post

Венецуела е дом на најголемите докажани нафтени резерви во светот. Но, во последните години погрешното менаџирање на нафтеното богатство предизвика пад на производството и извозот, длабоко оштетувајќи ја економијата на земјата како што Венецуела беше зафатена од политички превирања.

По само неколку години откако Уго Чавез ја презеде функцијата на претседател во 1999 година, тој отпушти стотици вработени во државната нафтена компанија „Петролеос де Венецуела“ по контроверзен штрајк. Тоа ја остави компанијата без експерти за производство на нафта и на нивните места беа доведени луѓе верни на Чавез.

Потоа, кон средината на првата деценија на 21 век, кога цената на нафтата беше висока, Чавез го пумпаше приходот на земјата од нафтата во социјални програми, вклучувајќи го тука и ставањето на толку ниски домашни цени на бензин што потрошувачката се вивна до небо. Планот не беше одржлив. Кога глобалните цени на нафтата се спуштија од над 100 долари за барел во 2014 на помалку од 30 долари на почетокот од 2016 година, економските маки на земјата се продлабочија.

Производството и извозот на венецуелската сурова нафта се во опаѓање
Извор: Washington Post

Според новите процени на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во текот на изминатите шест години бруто-домашниот производ на Венецуела бил преполовен.

Како што се влошуваше економската ситуација во Венецуела, инвеститорите се повлекуваа, загрижени дека владата нема да може да им ги исплати долговите.

Хиперинфлација

Инфлацијата во Венецуела одеше рака под рака со неможноста на луѓето да си купат основни добра. Како што се зголемуваа цените, храната и лековите стануваа недостижни за многу Венецуелци, кои чувствуваа дека немаат друга опција освен да избегаат од земјата.

Минатата година Мадуро имплементира нов план за отстранување пет нули од валутата на земјата, што беше некаков обид за спротивставување на сè поголемиот проблем со инфлацијата.

- Пред најавата на Мадуро во петокот, на пример, еден килограм праски чинеше околу 1,1 милион боливари. До вторникот цените речиси и да се дуплираа, достигнувајќи до 2,1 милиона стари боливари или 21 нов боливар - пренесе „Вашингтон пост“ во август минатата година.

Пред крајот на 2018 година ММФ процени дека степенот на инфлација во Венецуела ќе достигне 1,37 милион проценти до крајот на годината. За 2019 година ММФ предвидува дека инфлацијата би можела да достигне 10 милиони проценти.

Но, не сите економисти се согласуваат со бројките на ММФ. Стив Ханк, професор на универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој мери хиперинфлација, која, пак, се случува кога месечното ниво на инфлација достигнува 50 отсто, минатата година изјави дека не може да се предвиди курсот и траењето на хиперинфлацијата и додаде дека обидите на ММФ се неодговорни. Ханки за „Форбс“ напиша дека годишната хиперинфлација во Венецуела во 2018 година достигнала 80.000 проценти, за што тој истакна дека е уништувачко, но дека не е толку екстремно како предвидувањата на ММФ.

Инфлацијата во Венецуела останува на рекордно високи нивоа
Извор: Washington Post

Медицински неуспеси


Венецуела еднаш имаше значителен напредок во намалувањето на степенот на морталитет на новороденчиња и вети дека ќе направи уште повеќе. Но, неодамнешно истражување процени дека степенот на морталитет на новороденчиња во Венецуела се зголемил од 15 смртни случаи на 1.000 живородени во 2008 година на 21,1 во 2016 година. Според главниот истражувач, Џени Гарсија, Венецуела загубила 18 години напредок.

Таа и нејзините колеги за падот го обвинуваат скратувањето на финансиите за здравствената нега. И тие очекуваат со излегувањето на новите податоци за 2017 и 2018 година степенот само да се зголемува бидејќи Венецуела се бори со појава на болести како дифтерија, кои некогаш им беа под контрола.

Според Гарсија, моделот кој се користи во Венецуела е конзервативен. Таа додава дека е убедена дека ситуацијата ќе биде полоша.

Степенот на морталитет кај новороденчиња се зголемува од 2008 година
Извор: Washington Post

Бегање на населението

Сите овие фактори придонесоа за одлуките на Венецуелците да ја напуштат земјата, предизвикувајќи една од најголемите миграциски кризи во историјата на регионот. Товарот падна на рамената на соседните земји. Колумбија распореди трупи на границата откако стотици илјади Венецуелци преминаа во земјата до почетокот на 2018 година.

Меѓу оние што избегаа има и многу професионалци: наставници и лекари кои веќе не можеа да си дозволат да си купат храна за нив и за нивните фамилии во Венецуела.

Бројот на иселени Венецуелци се зголемува од 2015 година, претежно во јужноамериканските земји

Од вкупно 2,3 милиона низ светот, 1,5 милион се во Јужна Америка. Меѓу другите дестинации се и САД, Шпанија и Италија

Извор: Washington Post
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот