X
 30.01.2020 Здравје

Погледнете кои земји се најдобро подготвени за епидемија и на кое место е Македонија

Македонија не е најдобро подготвена за да се справи со епидемија на болест. Тоа го покажува и Глобалниот индекс на здравствена безбедност во кој се оценуваат нивоата на глобалната здравствена безбедност во 195 земји.

Во него се анализирани нивоата на подготвеност со фокус на тоа дали земјите ги имаат соодветните алатки за да се справат со сериозни епидемии на болести. Земјите се оценувани со поени на скала од 0 до 100, каде што сто е највисокото ниво на подготвеност.

САД беа именувани како земјата со најјаки мерки со 83,5 поени. На второто место се најде Обединетото Кралство со 77,9, а потоа следува Холандија со 75,6. Кина се најде на 51. место со 48,2 поени.

Кога станува збор за Македонија, на мапата може да се види дека сме дури на 90. место со 39,1 поени. Ние сме најдолу на листата и кога е во прашање регионот. Најдобро рангирана земја од регионот е Словенија, која се наоѓа на 12 место. Грција е на 37. место, а зад неа се Хрватска, Албанија, Турција и Србија. Бугарија се најде на 61. место, Црна Гора е на 68. место, а Босна и Херцеговина на 79. место.

Центарот за превенција и контрола на болести соопшти дека во САД е забележан втор случај на заразен со коронавирусот, со што вкупниот број потврдени случаи се искачи на пет. Последниот е во Аризона и сите петмина заразени се луѓе што неодамна патувале во Вухан, епицентарот на епидемијата.

Според следењата на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, досега се заразени повеќе од 6.000 лица, мнозинството од Кина. Коронавирусот полека почна да се шири и во соседните земји, но и во Европа.




Фото: Statista

На оваа мапа се прикажани нивоата на подготвеност на земјите во светот и веднаш може да се види ранливоста на Африка. Сепак, засега на овој континент нема потврден случај на заразен со коронавирус.

Фото: ghsindex (screenshot)


Фото: ghsindex (screenshot)

ТУКА можете да ја видите целата мапа и листа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје