X
 30.01.2020 Здравје

Животот ќе ви се продложи со овие 5 здрави навики

Истражување по истражување, сите нè потсетуваат дека колку и да е тешко да се држите до здравите навики - правилната исхрана, редовните вежби, непушењето цигари, одржувањето здрава тежина и контролирањето колку алкохол пиете, тие може да ни помогнат да живееме подолго.

Истражување од 2018 година на меѓународна група истражувачи предводени од научници од Школата за јавно здравје на „Харвард“ открило дека усвојувањето пет здрави навики може да го продолжи животниот век за 14 години за жените и 12 години за мажите:

- здрава исхрана во која се вклучени овошје и зеленчук;
- умерено вежбање неколку часа неделно;
- одржување здрава телесна тежина;
- непушење;
- консумирање не повеќе од еден алкохолен пијалак на ден за жени и два пијалаци за мажи.

За да ги следат тие податоци, истражувачите сакале да знаат колку од тие додадени години биле здрави, без трите вообичаени хронични заболувања: срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и карцином. Во едно истражување објавено во Би-ем-џеј истражувачите покажале дека здравиот начин на живот навистина може да придонесе за подолг животен век без никакви заболувања.

Резултатите посочуваат дека жените може да имаат околу 10 години подолг живот без болести, а мажите околу 8 години или повеќе отколку оние што ги немаат овие навики.

zivoten stil

- Важно е да се погледне животниот век без болести, бидејќи тоа има значајни импликации во однос на подобрувањето на квалитетот на животот и намалувањето на вкупните трошоци за здравствена заштита - вели д-р Френк Ху, претседател на одделот за исхрана на Школата за јавно здравје при Универзитетот „Харвард“ и автор на истражувањето.

- Продолжениот животен век не е доволен, ние сакаме да го продолжиме векот на здравиот живот, така што подолготрајниот животен век ќе биде здрав и нема да има хронични заболувања и инвалидитети поврзани со тие болести - додава тој.

За да дојдат до овие обрасци, истражувачите анализирале податоци собрани од повеќе од 111.000 Американци, и мажи и жени, на возраст меѓу 30 и 75 години. Учесниците одговарале на прашалници за нивните навики во начинот на живот и нивното здравје на секои две години до 2014 година. Врз основа на нивните одговори, на секој учесник му била дадена оцена за животниот стил, од 0 до 5, така што повисоките поени претставувале подобро придржување кон здравите упатства. Потоа, истражувачите се обиделе да ги поврзат овие поени со тоа колку долго учесниците живееле без срцеви заболувања, карцином и дијабетес.

Жените што имале четири или пет здрави навики во просек живееле уште 34 години без тие заболувања, по 50-годишна возраст, во однос на 24 години колку што живееле жените што изјавиле дека не следат ниту една од здравите навики. Мажите што пријавиле дека имаат четири или пет здрави навики, во просек живееле 31 година повеќе без болести по 50-годишната возраст, додека оние што немале ниту една здрава навика, живееле уште 23 години без болести по 50-годишната возраст.

Ху вели дека никој од петте фактори не се истакнал како поважен од другите; придобивките биле слични кај сите пет фактори. Понатаму, доказите сугерираат дека придобивките на секој фактор се позитивни - бројот на години на живот без болест се зголемува со секоја дополнителна здрава навика што луѓето ја следеле.

- Луѓето не треба да се обесхрабрат да ги усвојат другите навики, ако сметаат дека е тешко да се следи една или две навики - вели Ху.

Бидејќи сите учесници во истражување биле над 30 години, наодите посочуваат дека никогаш не е доцна да се промените.

- Секогаш е подобро да усвоите здрави навики за живот што е можно порано, но дури и нивното усвојување релативно доцна во животот ќе има значителни здравствени придобивки подоцна - вели Ху.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје