X
 30.03.2020 Здравје

Младите италијански лекари се носат во првите борбени редови против коронавирусот

Кјара Бонини, студентка по медицина која има 26 години, се подготвувала да дипломира кога младите лекари во Италија почнале да се упатуваат во првите борбени редови против пандемијата на коронавирусот.

- Сакам да му помогнам на мојот град, кој го преживува овој драматичен момент и има потреба од лекари - вели таа за нејзиниот роден град Бергамо, кој е еден од најпогодените градови во северниот дел на Италија.

Бонини е една од илјадниците италијански дипломци што го прифатија повикот на владата за итна помош во справувањето со најсмртоносната епидемија на вирус во светот.

Во Италија викендов беше надмината бројката од 10.000 смртни случаи, што е околу една третина од вкупниот број смртни случаи во целиот свет. Поради тоа што болниците се под неверојатно голем притисок, земјата ја забрза процедурата за влез на дипломците на медицина во работната сила скратувајќи го последниот испит и зголемувајќи го бројот на регрутирани лекари.

За многу дипломци, ова ќе биде нивната прва професионална работа во струка која се соочува со најголемата криза во генерацијата. Потегот е направен среде смртта на 50 лекари, според италијанската национална федерација на лекари.

Брзите промени на процедурите за влегување на дипломците во работната сила е голема реорганизација на италијанскиот образовен систем, истакнува Алесандро Грималди, директор на инфективното одделение во болницата „Сан Салваторе“ во Л'Аквила.

Моментално од студентите се бара да одат на специјалистичко стажирање, каде што специјализираат во одредена област од медицината. Но, според Грималди, има меѓу три и четири илјади помалку слободни места за специјалистички стажирања отколку што има студенти, што значи дека многумина одат во странство да работат.

Грималди го спореди трошењето пари на образование на италијанските студенти по медицина, кои потоа работат во странство, со „подарување ферари на другите земји секоја година“.

- Тие дипломци би биле одлични извори, особено денес - додава тој.

Па, како што земјата влегува во шестата недела од изолацијата, младите италијански лекари се катапултирани во првите борбени редови на итната помош.

Бонини учела за последните испити на Универзитетот во Л'Аквила кога владата објавила повик за студенти по медицина да помогнат на северот од земјата. Таа била подготвена да оди во нејзиниот роден град Бергамо додека не се заразила со вирусот, најверојатно од нејзиното момче, кое исто така е лекар. Сега е целосно оздравена и чека дозвола за да оди и да работи. Со оглед на тоа дека го прележала вирусот, Бонини вели дека сега е помалку исплашена за нејзината нова работа.

- Мојот имунолошки систем веќе се бореше со ова. Па, ако повторно се заразам, моето тело ќе го препознае на некој начин. Единствениот страв што го имам од повторното заразување е да не го пренесам. Се плашам да не ја пренесам оваа болест - вели таа.

Самин Седги Задех има 29 години и во текот на изминатите две недели работи во болница во Кремона. Тој ја напуштил удобната работа во приватниот сектор како лекар од општа практика откако владата побарала итна помош од медицинските лица.

- Пред една година, кога дипломирав, си ветив дека ќе бидам корисен во криза. Затворањето во канцеларијата нема да помогне во оваа национална вонредна состојба - вели тој.

Неговата фамилија потекнува од Иран, каде што неговата 80-годишна баба сама ја преживува епидемијата. Задех смета дека одговорот на Иран на вонредната состојба бил послаб од оној во Италија, но и дека земјите на Запад исто така требало да бидат подобро подготвени.

- Сите бевме многу арогантни и мислевме дека ова е само кинески проблем. Ние на Запад не мислевме дека ова е наш проблем - вели тој.

Задех додава дека иако Италија има еден од најдобрите здравствени системи во светот, тој се надева дека ќе научи некои лекции од кризата.

- Некогаш кога работите се враќаат во нормала, меморијата е кратка - вели Задех и додава дека се надева дека во иднина ќе има поголеми инвестиции во системот за здравствена заштита за студенти.


Извор: CNN
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје