X
 30.03.2020 Технологија

Софтверска компанија од Загреб: Нашата апликација им помага на научниците во борбата со коронавирусот

- Пред две години некој да ми речеше дека ќе работиме на апликацијата „Би-би-си пандемик“, да речеше дека пандемијата одеднаш ќе стане актуелна, ќе мислев дека се шегува - вели Филип Љубиќ, директор на софтверската агенција „Кју“ од Загреб.

Не знаејќи дека светот го чека пандемија на коронавирус, во оваа софтверска компанија уште во 2018 година била создадена „предвидувачка“ мобилна апликација наречена „Би-би-си пандемик“, виртуелна симулација на ширењето на грип од личност на личност, во соработка со англискиот медиум Би-би-си и Универзитетот „Кембриџ“. Собраните податоци, први од ваков вид во светот, денес ги користат научниците за да ја контролираат тековната пандемија на коронавирусот и да го планираат јавното здравје.

- Идејата беше да се направи најголемиот експеримент во историјата на човекот и да се соберат податоците што научниците претходно ги немале. Сè почна кога ни се јавија од Би-би-си, по повод 100-годишнината од шпанската треска, за да им направиме апликација што корисникот ќе може да ја преземе на својот мобилен уред, а со која ќе може да се следи како се ширела заразата од личност на личност, на кои начини и со која брзина. Ние ја направивме апликацијата - раскажува Љубиќ, еден од основачите на компанијата „Кју“, која уште од почетоците во 2013 година се занимава со развивање веб и софтверски решенија, а има и импресивна листа со клиенти, вклучувајќи ги „Фејсбук“, „Фолксваген“, „Тајмс“, „Новартис“ итн.

Како што објаснува Љубиќ, апликацијата е прилично едноставна и технички не бара многу. Сè е анонимно, а апликацијата бара од корисникот само информации за пол и возраст. Потоа корисниците ја вчитуваат на своите мобилни уреди и со тоа стануваат виртуелно заразени. Додека ги извршуваат своите дневни задачи, апликацијата го следи нивното движење и социјалните контакти. Идејата е за секоја личност да се собере точен збир на податоци за активноста, движењето, професионалниот статус, навиките во патување и запознавање луѓе. И тоа 24 часа на ден. Во текот на денот тие одговараат на различни прашања во рамките на апликацијата, на пример, со колку луѓе биле во контакт тој ден, колку долга била средбата, дали возот или автобусот со кој се возеле бил полн или празен и колку долго траело патувањето.

kompanija
Сопствениците на компанијата „Кју“/Фото: Boris Kovačev / CROPIX

- Научниците барале 10.000 луѓе да ја преземат апликацијата и да учествуваат во експериментот бидејќи толкав број беше потребен за веродостоен примерок. На крајот, речиси 100.000 луѓе ја презедоа апликацијата, што беше изненадување. Десетпати повеќе отколку што се надевавме. Апликацијата стана голем хит и некое време беше број еден медицинска апликација во британскиот „Епл стор“ и „Гугл плеј“ - наведува Љубиќ.

Ова им овозможило на научниците од престижниот Универзитет „Кембриџ“ од Англија и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина првпат во историјата да ги анализираат податоците за да произведат веродостојна „карта на заразата“, т.е. „Heat Maps“- графички приказ на ширење на вируси на грип од еден град во друг, провинции и држави, прикажуваjќи ја точната стапка на ширење. Шокантните откритија од апликацијата Би-би-си подоцна ги спакува во документарниот филм „Зараза“, достапен на „Јутјуб“ и „Нетфликс“.

Врз основа на движењето на корисниците на апликацијата и нивните интеракции, може да се види дека во месеците од избувнувањето на епидемијата бројот на заразени лица во Велика Британија се искачи на повеќе од 43 милиони луѓе, што е речиси две третини од населението. Бројот на загинати во првите шест месеци се искачува на речиси еден милион. Еден корисник што го носи вирусот, случајно одејќи во фитнес-сала, кафуле или продавница, заразува во просек девет лица, а потоа тие понатаму го шират вирусот експоненцијално. Математичарот Хана Фрај, која го водеше целиот проект, рече дека станува збор за единствен проект и огромен скок за науката. Таа рече дека еден ден овие откритија може да спасат милиони животи.

- Речиси е неверојатно дека толку брзо по лансирањето на апликацијата навистина се појави нова епидемија на коронавирус и почна да се случува токму она што го апликацијата го симулираше во теорија - вели Љубиќ.

Првпат научниците се здобија со увид во апликацијата со богатство на податоци и некои нови, необични модели на однесување на поединци што досега не биле разгледани, како што е улогата на „социјалните суперзаразувачи“. Станува збор за личности кои, поради својот животен стил или работа, постојано се во контакт со многу луѓе, ширејќи ја инфекцијата многу побрзо отколку личност што се однесува нормално. Со изолирање на таквите лица и навремено ставање во карантин болниците можат многу полесно да го забават ширењето на епидемијата. Податоците покажаа дека забавувањето на ширењето на вирусот се постигнува со навидум едноставна и многу незначителна мерка - почесто миење на рацете. Ефектот е дека дури 20 милиони луѓе имаат помала веројатност да се заразат, а максималниот број заразени лица се постигнува во рок од една година, наспроти само неколку месеци кога не би било честото миење на рацете.

- Минатата недела повторно бевме контактирани од Би-би-си и ни рекоа дека размислуваат за развивање на нова апликација која ќе ги следи луѓето со симптоми на коронавирус во реално време. Досега имавме само неколку разговори и сè уште чекаме зелено светло - открива Љубиќ.

Автор: Филип Павиќ
Извор: Novac.jutarnji.hr
Фото: Hanz Media
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија