X
 30.03.2023 Наша тема

По скалилата на успехот со Ѓоко Хаџиевски: „Татко ми сакаше да станам архитект, а постојано ме носеше на фудбал“

Мојот успех е што внесов повеќе од 20 играчи помлади од 21 година во репрезентацијата. Јас сум тренер кој многу лесно им дава шанса на младите играчи. Мојот стил е дисциплина во игра, но да има и креативност, вели Хаџиевски

Ретки се луѓето со кои и по повеќе од еден час муабет нема да гребнете ни по површината на нивната богата кариера. Таков е Ѓоко Хаџиевски, еден од нашите најтрофејни и најдолговечни фудбалски тренери. 35 години поминаа откако Хаџиевски првпат застанал на тренерското кормило на еден клуб, и тоа на Пелистер, клубот во чии редови и се пензионирал како играч. Оттогаш сменил 20-ина клубови, низ 10 различни земји, а зад себе има десетина освоени трофеи.

- Сѐ уште сум активен. Не седам на столче додека работам, туку сам ги водам тренинзите. За да се биде успешен тренер, треба да се биде физички силен, но и силен мотиватор. Треба да ги движиш и клубот, и играчите, и навивачите, и новинарите. Мораш да имаш енергија за сето ова, инаку во спротивно ќе имаш проблем. Јас ќе работам додека имам сила за ова - вели Хаџиевски, кој моментално е тренер на Наџран од Саудиска Арабија, клуб кој првпат го водеше пред 11 години и на кој тогаш му ги донесе најголемите успеси.

Хаџиевски бил изгласан за прв селектор/капитен на Македонија по осамостојувањето, но поради тоа што веќе бил тренер на ЦСКА, а и при брзата промена на тогашното раководство на ФФМ, не добил веднаш шанса и бил сменет со Андон Дончевски, кој ја водеше нашата селекција на почетокот.



Од мал знаев дека фудбалот ќе ми биде професија

Неговите родители имале желба да стане архитект, поради што тој и се запишал во средно архитектонско школо во Струга, а подоцна и на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде што завршил една година пред да се префрли на ДИФ. Уште како многу мал, пред сѐ, благодарение на татко му, кој бил фудбалски тренер, се заљубил во овој спорт и буквално станал опседнат со него.

- Јас сум ресенчанец, но сум поделен меѓу тие Ресен и Битола. Татко ми е од Ресен, а често растев кај дедо ми и баба ми во Битола, од каде што беше мајка ми. Растев гледајќи ги првотимците на Преспа каде што беше тренер татко ми. По запишувањето во средно, почнав да играм за младинците на Караорман. Тоа беше прилично солидна екипа. Јас уште тогаш знаев дека фудбалот ќе ми биде професија. Моите сакаа да бидам архитект, а јас му реков на татко ми: „Ти бараш да бидам архитект, а ме носиш на фудбал. Не си ми дал една книга за архитектура, па да ме однесеш во тој правец“ – се присетува Хаџиевски.



Тамам да заигра за Вардар, морал да оди во војска

Од клубот Преспа во Ресен, Хаџиевски како еден од најталентираните на 19 години дошол во Скопје, во Вардар, од каде што веднаш го препратиле во клубот Балкан. Таму многу научил од тренерот Стојан Стојановски-Колац, со кого уште е во контакт. Потоа следувале настапи за Тетекс, Љуботен, Богданци, пред да дојде моментот конечно да потпише за Вардар, но повторно без можност да заигра за славниот клуб.

- Во 1982 година потпишав за Вардар кога се формира таа славна генерација на Јаневски, Сетинов, Урошевиќ, Панчев. Вишњевац тогаш беше тренер. Јас бев на проба и супер поминав, но тогаш имав 27 години, што значеше дека морав да одам во војска. Тогаш ја запознав и сопругата, со која се свршивме пред да одам во војска и кога го отслужив рокот, веќе помина шансата за влез во Вардар. Тогаш се роди нашата прва ќерка Стефанија, така што кога се вратив од војска, веќе не бев сам, имав фамилија. Во Скопје беше тешко да се живее, немав стан и постојана работа. Во Вардар ќе требаше да се докажувам пак, така што логично беше да потпишам за Пелистер и да се вратам во Битола. Жена ми е исто така битолчанка. Таму се вработив во Сојузот за физичка култура и последните две години од кариерата ги играв во Пелистер во Втората лига - додава Хаџиевски.



Млад во играчка пензија, па веднаш станал тренер

По 12-годишната играчка кариера и пензионирањето на само 29 години, Хаџиевски се насочил кон неговата амбиција да стане тренер. Првин како кормилар на младинците на Пелистер, а потоа и на првиот тим. Познавањето на фудбалот и педагошката жичка што ја влечел од неговите родители му овозможиле прилично успешно да го направи тој премин од играч во тренер.

- Ме фати револт дека не го добив местото што го заслужував како играч и си реков дека нема да играм повеќе. Зедов 100 деца и во 1984 година станав тренер на пионерите од 10 до 16. Од таа генерација се Митко Стојковски, Петар Милошевски и низа други. Со таа пионерска генерација станавме прваци на тогашна Југославија. Голем дел од тие деца се како мои синови, а јас за нив сум како фудбалски татко. Во 1988 година станав тренер на првиот тим на Пелистер. Бев многу амбициозен, имав познавања за светскиот фудбал, имав колекција видеокасети и уште тогаш многу анализирав. Веќе бев нотиран во Југославија како еден од најталентираните тренери во СФРЈ - раскажува Хаџиевски.



Јас сум тренер кој многу лесно им дава шанса на младите играчи

Благодарение на успешниот старт на тренерската кариера, Хаџиевски станал претседател на тренерскиот одбор на Југославија, а еден период ја водел и Б-селекцијата на Југославија. Од клупата на Пелистер направил трансфер во Вардар и веднаш имал успеси.

- Вардар ме зеде на половина сезона, пред да одам во Војводина. Вардар за мене беше Реал Мадрид. Јас сум првиот Македонец од провинција што стана тренер на Вардар во тогашната 1991 година. Кога дојдов во Вардар, од Втора го внесов во Прва југословенска лига. Во истото време Црвена звезда стана првак, а ние ја победивме во првото коло од следната сезона, што беше последна од тогашната Југославија. Во првото самостојно првенство на Македонија освоивме двојна круна, без пораз. По таа година отидов во ЦСКА Софија и таму бев првиот странски тренер во бугарскиот фудбал. Имав доста успешна сезона и до денес имам пријатели таму - кажува Хаџиевски.

Хаџиевски во 1996 година конечно ја презеде репрезентацијата. Тој е познат по тоа што воведе плејада млади играчи помлади од 21 година со цел да направи освежување на репрезентацијата, а токму таа генерација во наредните 10 години беше постојана во црвено-жолтиот дрес.

- Ја тренирав Македонија во два квалификациски циклуса. Клуб и репрезентација се два различни видови на водење. Во репрезентацијата ти си повеќе тим-менаџер, треба да имаш визија. Ти не ги тренираш играчите, тие се работени надвор, а ти треба да ги вклопиш, да направиш хемија и позитивна атмосфера. Мојот успех е што внесов повеќе од 20 играчи помлади од 21 година во репрезентацијата. Јас сум тренер кој многу лесно им дава шанса на младите играчи. Мојот стил е дисциплина во игра, но и да има креативност, секако. Јас ја имам совладано методологијата на работа, ама не само за време на натпреварот, туку и за време на подготовките. Барам концентрација и сите пропусти да се решат во моментот, инаку противникот те казнува – вели Хаџиевски, посочувајќи дека планира барем уште две години да помине на фудбалска печалба во Саудиска Арабија, па да се врати во Македонија.


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема