X
 30.04.2020 Живот

Подемот на Илон Маск: Како од дете што било исмејувано стана еден од најуспешните луѓе?

Се чини дека не постои нешто што Илон Маск не може да го направи.

Како извршен директор на „Спејс Екс“ и на „Тесла“, основач на „Боринг компани“ и коосновач на „Опен Еј-ај“ и „Неуралинк“, се чини дека Маск е насекаде, овозможувајќи секакви видови футуристички технологии. Во една пригода рече дека нема да биде среќен додека не заминеме од Земјата и не го колонизираме Марс.

Помеѓу вселенските ракети, електричните автомобили, соларните батерии и милијардите што ги направи, Маск во основа е Тони Старк во реалниот живот.

Но, работите не биле секогаш добри за Илон Маск. Еве како тој од дете кое се соочувало со булинг во училиште станал претприемач, а подоцна и извршен директор на две големи компании. Илон Маск е роден на 28 јуни 1971 година во Преторија, Јужна Африка. Неговата мајка, Маје, е професионален нутриционист и модел. Таа се појавила на кутиите за житарки „спешл кеј“ и на насловни страници на магазинот „Тајм“. Во 2017 година, на 69-годишна возраст, таа успеала да потпише договор со „Кавер грл“.

По разводот на родителите во 1979 година, 9-годишниот Маск и неговиот помал брат Кимбал одлучиле да живеат со нивниот татко. По преселувањето кај нивниот татко почнала проблематичната врска со него.

- Тоа не беше добра идеја - изјави Маск во интервју за „Ролинг стоун“, мислејќи на одлуката да живеат кај нивниот татко.

Во 1983 година, на 12-годишна возраст, Маск ѝ продал едноставна игра наречена „бластар“ на компјутерско списание за 500 долари.

Но, неговите училишни денови не биле лесни - еднаш бил хоспитализиран откако бил претепан од негови соученици. Тие го фрлиле Маск по скали и го тепале додека не се онесвестил. По завршувањето на средното образование Маск се преселил во Канада со неговата мајка Маје, неговата сестра Тоска и неговиот брат Кимбал и поминал две години студирајќи на Универзитетот „Квинс“ во Кингстон, Онтарио. Но, ги завршил студиите на Универзитетот во Пенсилванија, добивајќи диплома за физика и економија. Додека студирал на Универзитетот во Пенсилванија, Маск и негов колега изнајмиле куќа со 10 соби и ја претвориле во ноќен клуб. Овој потег бил еден од неговите први претприемачки експерименти.

mask
Фото: Screenshot/YouTube

По дипломирањето Маск се запишал на Универзитетот „Стенфорд“ за докторски студии. Но, уште на почетокот се откажал. Подоцна, со неговиот брат Кимбал ја лансирале „Зип2“. Група инвеститори од Силициумската долина им помогнале во финансирањето на компанијата што обезбедувала водичи за патување низ градот за весници како „Њујорк тајмс“ и „Чикаго трибјун“. До лансирањето на „Зип2“, Маск буквално живеел во канцеларијата. Но, напорната работа се исплатила кога компанијата „Компак“ ја купила „Зип2“ во зделка вредна 341 милион долари, со што Маск добил 22 милиони долари.

Подоцна Маск лансирал онлајн-компанија наречена „Х“. Компанијата била лансирана во 1999 година користејќи 10 милиони од продажбата на „Зип2“. Една година подоцна „Х“ се споила со „Конфинити“, финансиска стартап-компанија, кооснована од Питер Тил, за да се формира „Пејпал“. За жал, по расправија со коосновачите на „Пејпал“, Илон Маск бил сменет од извршен директор од „Пејпал“.

Во 2002 година Маск добил 165 милиони долари кога „Ибеј“ ја купи „Пејпал“.

Во 2002 година Маск ја основал компанијата „Спејс Екс“, со 100 милиони од парите што ги добил од продажбата на „Пејпал“, а подоцна станал коосновач на „Тесла моторс“. Во 2006 година Маск ја основал компанијата „Солар сити“, која им ја дал на своите братучеди да ја раководат.

Во 2008 година, поради финансиската криза, Маск имал ограничени опции, но лично ја спасил „Тесла“ од банкрот, инвестирајќи 40 милиони и позајмувајќи уште 40 милиони. Подоцна бил именуван за извршен директор на компанијата. За жал, тој продолжил да губи пари во 2008 година, опишувајќи ја како најлошата година во неговиот живот. „Тесла“ продолжувала да губи пари, а „Спејс Екс“ не можела да ја лансира ракетата „Фалкон 1“. До 2009 година Маск земал заеми само за да преживее.

Се соочил со удар и во неговиот личен живот: тој и неговата сопруга Џастин се развеле во 2008 година. Парот стапил во брак во 2000 година - нивниот прв син, Невада, починал од синдром на ненадејна смрт кога имал 10 недели. Во 2010 година се оженил со актерката Талула Рајли. Се развеле во 2012 година. Во 2013 година повторно стапиле во брак. Во 2014 година Маск повторно поднел документи за развод, но ги повлекол. Во март 2016 година Рајли поднела документи за развод; разводот завршил во октомври.

До крајот на 2015 година „Спејс Екс“ имала 24 успешни лансирања за доставување производи на Меѓународната вселенска станица.

Маск дошол и до нова идеја, хајперлуп - воз со огромна брзина што патува во вакуум-цевка што може да ги транспортира патниците за кратко време.

Во 2015 година Маск ја коосновал „Оупен Еј-Ај“, компанија посветена за истражување на вештачката интелигенција.

Во 2016 година Маск ја основал компанијата „Боринг компани“, чија мисија е да копа мрежа на тунели под и околу градови за патување со огромна брзина.

Во 2017 година ја основал „Неуралинк“, која се обидува да создаде уреди што можат да бидат поставени во човечкиот мозок.

2017 година за Маск беше тешка од политички аспект. Тој му се придружи на деловниот советодавен совет на претседателот Трамп, потег што предизвика огромна реакција во јавноста. Маск првично го бранеше својот потег, но се повлече откако Трамп ги повлече САД од Парискиот договор за климатските промени. Маск изјави дека се обидувал да го убеди Трамп да не го прави тоа.

Денес, Маск е меѓу 25. најбогати луѓе во светот, со нето-вредност од повеќе од 38 милијарди долари.

Извор: Business Insider
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот