X
 30.05.2021 Живот

Која е разликата помеѓу стресот и анксиозноста?

По пандемијата, која трае повеќе од една година, очекувано е многумина да забележуваат проблеми со менталното здравје. Според податоци од Американската психолошка асоцијација, дури 78% од Американците изјавиле дека пандемијата им предизвикува стрес, а речиси две третини од испитаниците изјавиле дека дел од стресот е предизвикан од несигурноста во овој период.

Малку стрес може да биде мотивирачки и да доведе до позитивни промени, но долгорочниот стрес може да биде штетен за телото и за умот, доведувајќи до проблеми со спиењето и ослабувајќи го имунолошкиот систем. На тој начин, стресот може да придонесе за појава на хронични болести, како проблеми со срцето или крвниот притисок, но и анксиозност.

Што е анксиозност?

Анксиозноста е нарушување кое се карактеризира со постојано чувство на страв и тензија, објаснува психологот Александра Хелфер за „Сајколоџи тудеј“. Има различни степени на анксиозност, а некои форми се одликуваат со симптоми како паничен напад или компулсивно однесување.


Фото: Pixabay

Која е разликата помеѓу анксиозноста и стресот?

Сите луѓе што се под стрес не се анксиозни, што е посериозна состојба. Меѓутоа, стресот е еден од симптомите на главните форми на анксиозност. Анксиозноста може да биде постојана состојба за разлика од стресот. Лице под стрес може да почувствува повремени моменти на грижа, додека лицето што е анксиозно ги има овие чувства подолг период.

Важно е анксиозноста да се третира порано затоа што може да доведе до состојби како депресија или до прекумерно користење алкохол и дроги.

Кај лице со анксиозност негативните мисли може да се зголемуваат со текот на времето и личноста може да биде анксиозна за најобични работи. Од друга страна, лицето под стрес чувствува страв и загриженост за нешта како кратки рокови, важни проекти и слично.

Стресот најчесто не влијае врз секојдневните активности на лицето, но анксиозноста може да ги попречи работата и комуникацијата со другите бидејќи лицето е преокупирано со негативните чувства. За лицата што се анксиозни се препорачува да побараат медицинска помош.

Извор: psychologytoday.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот