X
 30.05.2021 Живот

За да бидеме поефикасни и помотивирани: Природни начини да го зголемите лачењето на допаминот

Допаминот е хемиска состојка во мозокот која телото ја користи за да го менува расположението. Допаминот прави да бидеме поефикасни и помотивирани. „Лајф хек“ пишуваат за некои природни начини на кои може да го зголемите лачењето на допаминот во телото.

Движете се

Повеќе истражувања покажале дека вежбањето е одличен начин за природно зголемување на лачењето на допаминот. Освен тоа, вежбањето го подобрува расположението со тоа што го поттикнува лачењето на ендорфинот. Не е прецизирано колку често и колку интензивно треба да вежбате за да забележите ефект, но експертите најчесто препорачуваат секојдневно движење, без разлика дали станува збор за пешачење до работа или одење во вежбалница. Сигурно е дека не мора да вежбате премногу за да ги чувствувате поволностите.


Фото: Pixabay

Одете на свеж воздух

Престојот на отворено релаксира, а при престојот во природа дишите почист воздух и сте изложени на поголема сончева светлина. Повеќе истражувања покажале дека природата позитивно влијае врз менталното здравје. Само краток престој во природа го намалува стресот и го поттикнува лачењето на допамин и ендорфин. Освен тоа, се препорачува престој на отворено од 10 до 30 минути дневно за витамин Д.

Медитација

Со медитацијата го ослободувате умот од непотребните негативни мисли. Има многу видови медитација, а сите се корисни. Истражувањата покажале дека лицата што медитирале имаат 65% повисоко ниво на допамин. Други истражувања покажале дека медитацијата има и други поволности за физичкото и менталното здравје.


Фото: Pixabay

Слушајте музика

Слушањето музика што ви се допаѓа природно го зголемува допаминот во телото. Во поголемиот дел од истражувањата што ја покажуваат оваа врска се препорачува слушање класична музика, но тоа не значи дека музиката што вие сакате да ја слушате нема да го поттикне лачењето на допаминот.

Јадете повеќе протеини и пробиотици

Телото создава допамин со помош на аминокиселини што се наоѓаат во јајцата, сојата, телешкото месо, млечните производи и мешунките. Истражување покажало дека храната богата со протеини може да го зголеми допаминот. Освен протеини, треба да внесувате и повеќе пробиотици кои се добри за дигестивниот систем, а се наоѓаат во производи како јогуртот.


Фото: Pixabay

Одмор по работниот ден

Здравите возрасни лица треба да спијат околу 8 часа дневно. Истражувања покажале дека нивото на допамин е највисоко по будењето наутро, а потоа се намалува во текот на денот. Затоа, треба да спиете доволно и квалитетно за природно да го зголемите нивото на допамин во телото.

Автор: Ундре Григс
Извор: lifehack.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот