X
 30.08.2019 Образование

Позитивни УКЛО-искуства - Награден труд од областа на криминологијата од страна на UNODC и Меѓународното здружение за криминологија

Доц. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и поранешната студентка м-р Јулија Јуртоска се добитници на една од наградите за најдобар труд “Best Paper Competition for Young Scholars” во организација на Канцеларијата за дрога и криминал на ООН (UNODC) како дел од Education for Justice (E4J) иницијативата и на Меѓународното здружение за криминологија (International Society of Criminology). Наградениот труд ќе биде дел од програмата на XIX Светски конгрес за криминологија кој ќе се одржи во Доха, Катар, во периодот од 27 до 31 октомври 2019 година.

- Истражувањето што го работевме со колешката м-р Јуртоска опфаќа само сегмент од сферата на анализата на криминалното однесување на жените. Се работи за тестирање на криминолошка теорија која е дел од теориите на напнатост. Нашите резултати покажаа дека напнатоста кај жените сторители на кривични дела е резултат на нејзините најчести извори што ги избравме за независни варијабли, притоа укажувајќи на проблемите со кои се соочуваат жените и на нивната, сè уште, неповолна општествена положба во нашата земја кога би ја споредиле со таа на мажите. Многу сме среќни и благодарни за наградата и признанието од UNODC и Меѓународното здружение за криминологија, бидејќи за млади истражувачи истото претставува поттик и покрај проблемите со кои се соочуваме при истражувањата, да продолжиме и да не се откажуваме - рече доц. д-р Станојоска.

1

- Идејата ја добивме при изработката на мојата магистерска теза на која ментор ми беше професорката д-р Станојоска. Потоа работевме на теоретската рамка на истражувањето, изработивме инструмент за собирање на податоците, поднесовме барање до надлежните институции за да добиеме дозвола за анкетирање на жени сторители на кривични дела, по што следуваа анкетирањето, анализата на податоците и донесувањето заклучоци и предлози - рече м-р Јуртоска.

„Им благодариме на надлежните институции во нашата земја и нивниот кадар кој ни овозможува да го спроведеме ова истражување и се надеваме дека и во иднина ќе бидат отворени за академскиот кадар и истражувачите, затоа што без нив собирањето податоци би било невозможно.“

2

Доц. д-р Ангелина Станојоска и м-р Јулија Јуртоска, исто така, се добитнички и на стипендија за учество и презентација на годишната конференција EUROCRIM 2019 на Европското здружение за криминологија (European Society of Criminology) која ќе се одржи на Универзитетот во Гент, Белгија (18.09 – 21.09.2019), каде што ќе ги презентираат резултатите од нивните истражувања на жените сторители на кривично дело убиство. Претходно, доц. д-р Станојоска оваа стипендија ја има добиено во два наврати (2015 и 2018), додека м-р Јуртоска во 2018 година.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование