X
 30.08.2020 Култура

Ива Дамјановски е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата

Младата поетеса Ива Дамјановски за книгата „Двоумење“ (Издание на ПНВ Публикации) е годинашен добитник на престижната поетска награда „Браќа Миладиновци“, што Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобро поетско издание меѓу два фестивала.


Фото: Струшки вечери на поезијата

- Ако изминатава година, во поетската продукција на македонски јазик има нешто што може да ја понесе толку употребуваната, дури и излитена синтагма „книжевен настан“, тогаш според мислењето на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, тоа секако е книгата на младата Ива Дамјановски. Како хабитус на една нова генерација, а во исто време и сензибилност која е безвременска, како музикалност и интермедијалност која вибрира на рабовите на поетскиот израз којшто се повеќе се втурнува кон другите уметности, ова книга е доказ и показ дека македонскиот јазик е сочен, жив и квалитетен материјал од кој може да се изградат песни кои се стимулативни и за уво, и за срце, и за мисла“ – стои во одлуката за националната поетска награда „Браќа Миладиновци“.

Жири комисијата ја сочинуваа Ангелина Бановиќ Марковска, Анастасија Ѓурчинова, Соња Стојменска Елзесер, Душко Крстевски и Никола Маџиров.


Фото: Ива Дамјановски/Струшки вечери на поезијата


Овогодинешните Струшки вечери на поезијата, 59. по ред, започнаа на 28 август во хотелот „Дрим“ во Струга со читање на антологиската „Т’га за југ“ на македонски, албански, англиски и француски. Оваа година на фестивалот учествуваат 20 странски поети со видео читања и 20-ина домашни поети.

За време на фестивалот новинарот, публицист и културен работник Веле Митаноски на директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, му предаде вкоричена и систематизирана збирка на стари фотографии од настани на поетскиот фестивал почнувајќи од 1970 година.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура