X
 30.08.2021 Живот

Последниот Британец што го напушти Авганистан изнајми авион за да спаси околу 180 животни

Поранешниот маринец Пен Фартинг е последниот британски цивил што избега од Авганистан, откако изнајми приватен авион за да спаси околу 180 мачки и кучиња.

Фартинг основал засолниште за животни во Авганистан, а по слетувањето во Велика Британија вели дека имал измешани емоции.

Пол слета во неделата наутро на аеродромот „Хитроу“, откако претходно беше заглавен поради експлозиите на аеродромот во Кабул во четвртокот. Неговата добротворна организација „Новзад“ потврди дека тој и неговите животни ја напуштија земјата во саботата, но без неговиот персонал.

Фартинг, кој по потекло е од Есекс, го основал засолништето за животни „Новозад“ во Кабул, спасувајќи кучиња, мачки и магариња, откако служел во Авганистан во првата деценија на овој век.

Од колапсот на авганистанската влада, Фартинг и неговите поддржувачи водеа кампања за евакуација на неговиот персонал, семејствата на персоналот, 140 кучиња и 60 мачки, во операција наречена „Операција арка“.


Но, секретарот за одбрана Бен Валас се пожали дека некои од поддржувачите на Фартинг им одзеле многу време на високите команданти затоа што тие требало да се фокусираат на справување со хуманитарната криза.

Во објавата во неделата попладне, Фартинг рече дека пристигнал на „Хитроу“, но операцијата имала делумен успех.

- Измешани емоции и длабоко чувство на тага за Авганистан денес - напиша на неговиот твитер-профил.

Д-р Ијан Мекгил, ветеринар кој бил во авионот со Фартинг, рече дека на летот имало помеѓу 90 до 100 кучиња и 60 до 70 мачки.

- Земајќи го предвид она што го поминаа, животните се во добра состојба - вели д-р Мекгил.

Тој додаде дека сите биле проверени и се во карантин. Но, персоналот од засолништето остана заглавен во Авганистан.

Во саботата, претседателот на Одборот за надворешни работи на Велика Британија, Том Тугендхат, рече дека е тешко да влезат и да излезат луѓе од аеродромот.



- Искористивме многу војници за да донесеме 200 кучиња, додека во меѓувреме семејството на мојот преведувач најверојатно ќе биде убиено. Пред неколку дена мојот преведувач ме праша: „Зошто моето петгодишно дете вреди помалку од вашето куче?“ - додава тој.

Последниот британски лет го напушти Авганистан во саботата, со што се стави крај на 20-годишното воено учество на Обединетото Кралство во земјата.

Од 14 август Велика Британија евакуира повеќе од 15.000 луѓе.

Извор: ВВС
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот