X
 30.09.2019 Живот

Нов документарец за Бил Гејтс ја открива тајната на неговиот успех

Често се прашуваме во што се разликуваат успешните луѓе од другите, што прават подобро и различно и настојуваме да ѕирнеме во нивните животи и да ископираме некои од нивните навики за да бидат поуспешни во животот и работата.

Одговорот на прашањето, се разбира, не е ниту едноставен ниту ист за сите лица, но една од работите што успешните извршни директори на големите компании често ја истакнуваат е читањето книги. Тие често настојуваат да читаат барем еден час дневно, а колку е читањето важно за соосновачот на „Мајкрософт“ и еден од најбогатите луѓе, Бил Гејтс, покажува документарецот што од неодамна е достапен на „Нетфликс“.

Документарецот наречен „Во мозокот на Бил“ има три дела што ги опфаќаат детството на Гејтс, почнувањето на „Мајкрософт“ и неговиот подем до најбогата личност во светот, како и филантропските проекти на кои работи откако го напушти челното место на компанијата. Документарецот ја открива и неговата голема љубов кон книгите и читањето и уште во првите сцени е прикажана неговата торба во која се наоѓаат десетина книги од различна тематика, како наука, технологија, вакцинација, енергија, а која Бил ја носи со себе кога оди на патување.

Тој често знае да се скрие во куќата на езеро, да земе книги и со внимание да чита, фаќајќи белешки за работите што му се интересни. Зборувајќи за неговата љубов кон читањето, еден пријател на Гејтс раскажува како Гејтс на еден заеднички одмор зел 14 книги и сите ги прочитал.

Кога го интересира една тема, тој целосно се задлабочува во неа, па често знае да прочита и пет книги на истата тема за да дознае што повеќе работи, но и да има различен поглед кон тематиката. Без оглед на тоа за што зборува и со кого зборува, Бил секогаш има најголемо знаење за таа тема.

Читањето е неопходно ако сакате да успеете во што било, рече Гејтс во едно интервју и токму читањето книги го смета за исклучително важно за успехот што го постигнал во неговата кариера.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот