X
 30.09.2022 Економија

Почнаа да паѓаат цените на недвижностите низ светот

Паѓаат цените на недвижностите низ светот, покажува анализа на интернет-порталот „Глобал проперти гајд“. Гледајќи ги номиналните цени, се забележува пораст во вториот квартал од годината во 49 од 58 земји кои ги следи порталот, но многу пазари се во минус доколку се земе предвид инфлацијата.

Недвижностите се поевтини на годишно ниво во дури 24 земји, а во 34 се поскапи.

САД

Во вториот квартал од годината, во САД се забележува номинален раст на цените, но тој бил значително понизок отколку во истиот период од минатата година. Аналитичарите сметаат дека причина за тоа се помалата побарувачка и пониските очекувања на инвеститорите. Само во јули продажбата на половни станови во САД паднала за една петтина, а на куќи за речиси една третина.

Лоши предвидувања

Поради високите инфлациски притисоци, централните банки низ светот ги зголемуваат каматните стапки. Инфлацијата ја намалува куповната моќ на граѓаните, а растечките каматни стапки ги подигнуваат трошоците за финансирање и отплата на хипотекарни кредити. Поради сите овие причини, загриженоста на аналитичарите за недвижности е оправдана бидејќи тоа е рецепт за колапс на пазарот на недвижности.

На ова мора да се додадат и неизвесните прогнози во поглед на светската економија и ризиците поради руската инвазија на Украина.


Фото: Pixabay

Во Европа значително се намалува растот на цените на недвижностите. Во само 7 од 27 европски земји цените годинава пораснале во споредба со минатата година.

Во вториот квартал цените пораснале на Исланд, Словачка, Португалија, Холандија и во Македонија, каде што се зголемиле за 7-9 отсто, според анализата. Недвижностите во Виена поскапиле за 4,8 отсто за една година.

Германија и Велика Британија

Во Германија цените на недвижностите во вториот квартал пораснале за 2,2 отсто на годишно ниво. За споредба, тие пораснале за речиси 12 отсто во истиот период минатата година. На квартално ниво, цените паднале за 1,2 отсто во вториот квартал од годинава.

Во Велика Британија цените во вториот квартал пораснале за 3,2 отсто на годишно ниво, во споредба со 8 отсто минатата година. На квартално ниво цените паднале за 0,7 отсто.

Најлошо е во Варшава

Цените во вториот квартал од минатата година во Варшава пораснале за 4,5 отсто на годишно ниво, а оваа година е забележан пад од 7,6 отсто. Пресврт на годишно ниво се случил и во Шпанија, каде што цените во вториот квартал од 2021 пораснале за 7,1 отсто, а оваа година паднале за 6,27 отсто. Слична е ситуацијата и во Италија.

Извор: Blic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија