X
 30.10.2018 Живот

Мистерија по падот на авионот со 189 луѓе: Како е возможно да падне целосно нов авион?

Авионот на „Лајон ејр“ на летот „ЈТ 610“ се сруши во морето, при што загинаа 190 луѓе, а авионската несреќа се случи набрзо по полетувањето од главниот град на Индонезија.

Ставен е акцент на податокот дека авионот „боинг 737 МАКС 8“ беше нов. Ова е прв поголем инцидент во кој учествува овој тип на авион.

Деталите за несреќата сѐ уште не се познати, а и причината за падот нема да биде позната додека не заврши истрагата.

Авионските несреќи најчесто се комбинација од два фактора - техничка и човечка грешка. Но, дали оваа несреќа има некаква врска со фактот дека авионот беше целосно нов?

avion
Фото: Flickr


„Боинг 737 МАКС 8“ бил во комерцијална употреба од август 2017 година. Од „Лајон ејр“ во јули минатата година навеле дека се многу горди на првата индонезиска компанија во чие сопствеништво е овој авион и дека порачале уште 218 парчиња.

Авионот, кој во понеделникот падна в море, бил во сообраќај од 15 август оваа година и имал само 800 часа лет, вели Соерјанто Тјахјано од индонезиската Национална агенција за воздухопловна безбедност.

Пилотот набрзо по одредени проблеми во текот на летот ја контактирал контролата во Џакарта и побарал дозвола да се врати. Извршниот директор рекол дека и на претходен лет биле пријавени одредени технички тешкотии, но дека биле решени во соодветна процедура.

Аналитичарот на авиосообраќајот Гери Соејатман вели дека поголем е ризикот од несреќи кај старите авиони, но дека во одредена опасност се и целосно новите авиони.

- Ако сѐ е целосно ново, понекогаш некои проблеми се откриваат по многу часови лет. Но, тоа обично се решава во период од 3 месеци - вели тој.

А авионот што падна во понеделникот не беше ни три месеци стар.

Но, аналитичарот за летање Џон Островер вели дека новите авиони обично имаат минимални проблеми, а тоа е нормално и е далеку од сериозни безбедносни закани.

Двајцата аналитичари велат дека сега е прерано за донесување заклучоци за тоа што се случило на летот „ЈТ 610“.

- Веројатно станува збор за технички проблеми, но сега е премногу рано да се зборува за тоа. Причината ќе се дознае кога ќе добиеме повеќе информации - вели Соејатман.

- Не знам зошто се сруши сосема нов авион. Постојат многу фактори што можат да влијаат врз вакви несреќи - вели Островер.

Според официјалните податоци од компанијата „Боинг“, моделот „737 МАКС“ е најпродаван авион во историјата и досега има речиси 4.700 нарачани примероци, а ги нарачале авиокомпании како „Американ ерлајнс“, „Јунајтед ерлајнс“ и „Флај Дубаи“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот