X
 30.10.2018 Технологија

Одговори на најважните прашања за интернетот

Мрежата која за неколку децении покри поголем дел од планетата и поврза милијарди луѓе. Колку луѓе се онлајн, колку се офлајн и што прават на интернет? Дознајте.

Што е интернетот?

Интернетот е широка мрежа која овозможува меѓусебна комуникација на компјутерските мрежи низ светот, кои се во сопственост на компании, влади, универзитети и други организации. Опфаќа огромен број кабли, компјутери, центри на податоци, рутери, сателити и други уреди кои овозможуваат патување на дигиталните податоци и информации низ светот. На таа инфраструктура се потпираат интернет-трговијата, социјалните мрежи како „Фејсбук“, сервисите како „Нетфликс“, електронската пошта, интернет-пребарувачите итн.

Колку е голем интернетот?

Не е едноставно да се измери, но ќе се обидеме. Да речеме дека на интернет дневно патуваат околу пет егзабајти податоци. Тоа е околу 40.000 стандардни двочасовни филмови во секоја секунда.

За да биде можно тоа, поставени се десетици илјади километри кабли меѓу државите, островите и континентите. Речиси 20.000 километри долгиот Asia-America Gateway ги поврзува Калифорнија (САД) со Сингапур и стотици милиони корисници. Околу триста подморски кабли, меѓу кои некои се дебели како и црево за вода со кое ги наводнуваме градините, се темел на денешниот интернет. Мнозинството се снопови од оптички кабли дебели како влакно коса, кои пренесуваат податоци со брзина на светлината.

Колку енергија троши интернетот?

Во кинеската компанија „Хуавеј“ проценуваат дека ИЦТ-индустријата ќе користи околу 20 отсто од светската електрична енергија и ќе произведува повеќе од 5 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови до 2025 година, пред сè благодарение на огромниот раст на количината на податоци што ќе треба да се соберат, пренесат...

Пред две години во Националната лабораторија „Лоренс Беркли“ во САД пресметале дека на американските центри за податоци во 2020 година ќе им требаат 73 милијарди киловат-часови енергија.

Што е World Wide Web?

The Web (мрежата) е начин на прегледување и споделување податоци и информации преку интернет. Таа информација, без разлика дали е во форма на текст, музика, фотографии, снимки и друго, се запишува на интернет-страниците, а се прегледува на пребарувачите. „Гугл“ опслужува повеќе од 40 илјади пребарувања во секунди и држи 60 отсто од глобалниот пазар со својот пребарувач „Хром“.

Постојат околу две милијарди интернет-страници, но на околу 0,1 отсто (околу 5 милиони) им припаѓа повеќе од половина од сообраќајот на интернетот. Најголемите меѓу нив сигурно ги знаете: Гугл, Јутјуб, Фејсбук, Инстаграм, Јаху, Твитер, Википедија, Амазон и, очекувано, страниците со порногрфска содржина.

Подемот на апликациите за паметни телефони значи дека луѓето денес сè помалку „висат“ на пребарувачите, а сè повеќе информациите ги примаат од целни извори.

Што е темниот интернет?

Вашиот класичен пребарувач не го пребарува целиот интернет. Околу 95 отсто од содржините не се индексирани за пребарување на стандарден начин, туку се закопани длабоко надолу.

Можете да замислите дека интернетот има три слоја: површински, длабок и темен. Стандардните пребарувачи „чешлаат“ по површинскиот слој, односно по интернет-страниците кои се најлесно достапни.

Фото: Tportal

Следниот слој е длабокиот интернет, со страници кои не се индексирани. Тука се вклучени страници за кои се потребни лозинки и страници до кои никој не става линкови.

Под него е темниот интернет - куп страници чии адреси ги кријат од погледите на мнозинството корисници. За да им пристапите, мора да имате посебен софтвер. На него има многу легитимни корисници, но и голем број криминалци кои тргуваат со сè и сешто, од нарачани убиства, преку наркотици, па до детска порнографија.

Колку луѓе се онлајн?

Зависи како ја мерите оваа бројка. Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) го смета за „онлајн“ секој човек што користел интернет во последните три месеци. Според нивните калкулации, околу 3,58 милијарди луѓе користеле интернет до крајот на 2017 година, што е всушност 48% од светската популација. Се очекува следната година таа бројка да се искачи на 50 отсто.

Кој е онлајн?

Во одредени држави речиси сите се онлајн. На пример, 98 отсто од жителите на Исланд се поврзани на интернет, а слично е и во Данска, Норвешка, Луксембург и Бахреин. Во Велика Британија тој процент е 95, во САД е 89 отсто, во Шпанија 85 отсто, во Германија  84, во Франција 80 отсто, а во Италија дури 64 отсто. Во Кина 60 отсто од населението се онлајн, но тоа значи повеќе од 800 милиони лица, додека Индија има половина милијарда корисници, иако 60 отсто од нејзиното население допрва треба да се поврзат на интернет.

Што прават луѓето онлајн?

Еве како изгледа една минута на интернет: 156 милиони електронски пошти, 29 милиони пораки, 1,5 милион песни на „Спотифај“, четири милиони прашања за пребарување на „Гугл“, 350.000 твитови, 243 илјади објавени фотографии на „Фејсбук“, 65 илјади фотографии на „Инстаграм“...

Кој е офлајн?

Постои голема разлика меѓу оние што имаат и оние што немаат, при што сиромаштијата е главен фактор. Постојат многу места како Танзанија, Уганда и Судан, каде што 30 до 40 отсто од луѓето се онлајн, но има и држави како Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне, каде што само ‘ до 11 отсто од луѓето се онлајн. Во Еритреја и Сомалија помалку од 2 отсто од луѓето имаат пристап до интернет. Изградбата на мобилни пристапни точки во зафрлено село кое сè уште не е поврзано може да биде до три пати поскапа отколку во град, каде што има повеќе луѓе, а со тоа и повеќе шанси за враќање на инвестицијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија