X
 30.10.2019 Наука

Научници од МИТ велат дека нашле нов начин за чистење на атмосферскиот јаглероден диоксид

Инженери од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) тврдат дека нашле начин како да го исчистат штетниот јаглероден диоксид од атмосферата, потенцијално давајќи му на светот ново оружје во борбата против климатските промени.

Додека многу научници велат дека технологијата за фаќање на јаглеродот е неопходен дел од превенцијата на најлошите ефекти од климатските промени, моменталните приоди до технологијата никогаш не станаа доволно практични. Сега тимот, кој основал и компанија за да го комерцијализира системот, смета дека нашол решение. Тие велат дека со испуштање на воздухот преку електрично набиена плоча на јаглеродни наноцевки системот може буквално да го исцица јаглеродниот диоксид од атмосферата.

Клучот на системот на истражувачите од МИТ е тоа што за него е потребна многу помалку енергија - теоретски може да се изгради на индустриски обем без да биде потребна многу топлина што на крајот ѝ штети на околината, стои во истражувањето.

- Во моите лаборатории се стремевме кон тоа да развиеме нови технологии за борба со повеќе еколошки прашања кои ја избегнуваат потребата за термални енергетски извори, промените во притисокот на системот или додавањето хемикалии за да се изврши одделувањето и циклусите на ослободување - вели Алан Хатон, хемиски инженер од МИТ.

Новиот систем би можел да го отстрани јаглеродниот диоксид од атмосферата, но би можел и да го искористува преку дистрибуција до индустриите што се потпираат на него, сметаат научниците.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука