X
 30.10.2020 Образование

Да им се дозволи на наставниците да работат од дома и да им се плати дополнителниот труд, бара СОНК

Високиот број на новозаразени со Ковид-19 на дневно ниво е доволна причина на наставниците да им биде дозволено да работат од дома, побара вчера Јаким Неделков, првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура. Како што веќе објави Факултети.мк, а и како што денеска повтори Неделков, барање на СОНК е во октомвриската плата, која наставниците треба да ја добијат на почетокот од ноември, да бидат пресметани и дополнително одработените часови.

- За да се намали ударот врз образовниот систем, апелирам на наставниците што сакаат да работат од дома, да користат свои уреди и интернет, со цел да не се изложуваат на ризици, директорите на училиштата да им го дозволат тоа. Сметам дека треба да се преиспита одлуката на МОН за настава со физичко присуство, со оглед на бројот на заболени во и надвор од училиштата. Бараме од директорите, по барање на наставниците, да им дозволат да работат од дома и во октомвриската плата што треба да ја добијат на почетокот од ноември да им бидат пресметани дополнителните часови - нагласи претседателот на синдикатот.



Јаким Неделков

Тој кажа и дека сите паралелки со над 20 ученици мора да се поделат на две групи, а тоа значи удвојување на работата на наставниците.

- Бараме од директорите оваа дополнителна работа да ја пресметаат и да ја стават во вид на додаток на плата, поради прекувремената работа. Ваква основа постои во Законот за работни односи и во општиот колективен договор. Од терен имаме информации дека одредени директори не сакаат да ги спроведат законот и колективниот договор, тврдат дека немало зголемен обем на работа, други општини и училишта велат дека немаат пари, а трети дека ќе дозволеле слободни денови како надомест за зголемената работа. Ова е неприфатливо за нас и бараме да им се исплатат додатоци на плата на овие вработени - потенцира Неделков.

Подготвил: А.П.

Издвојуваме

Образование