X
 30.10.2020 Живот

Надвозник над автопат во Лос Анџелес наменет за лавовите

Еден од најпознатите сообраќајни патишта, автопатот 101 во округот Лос Анџелес, наскоро ќе добие зелена преобразба со најголемиот надвозник за премин на дивиот свет.

Округот на Лос Анџелес има голема популација на планински лавови, но големиот развој на областа и на околните градови создаде „џебови“ на изолирани живеалишта што ги отсекле големите автопати како 101, 110 и 405. Ова создава проблеми, не само поради ризикот лавовите да ги преминат автопатите, туку и тие да загинат од автомобилите.

- Знаеме што се случува и малку е подлабоко од тоа дека животните можат да бидат удрени од автомобили. Животните стануваат изолирани бидејќи не можат да се преселат во помалите „острови“ на живеалишта, создадени од нашите автопати - вели Бет Прат, од Националната федерација за диви животни, една од неколкуте партнерски организации што работеа на проектот.

Донирани се 15 милиони долари за изградба на овој премин, кој ќе биде долг 50 метри, а ќе поминува преку автопатот 101 во кањонот Либерти. Дизајнот е во завршна фаза.

premin
Фото: National Wildlife Federation

Надвозникот ќе биде покриен со густи дрвја и друга вегетација за да биде што е можно потивок и во сенка, за лавовите да се чувствуваат удобно и безбедно кога го користат.

Помеѓу Таузенд Оукс и Калабасас, каде што живеат некои од најбогатите холивудски ѕвезди, автопатот ќе поврзува две области на живеалиште на дивиот свет, државниот парк Малибу Крик/планините Санта Моника и кањонот Пало Комадо, и ќе создаде коридор низ кој лавовите ќе можат да патуваат слободно и да стигнуваат до други области на планините.

Ако собирањето на средствата продолжи, проектот ќе биде готов во 2021 година.

Извор: Good News Network
Фото: National Wildlife Federation
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот