X
 30.10.2020 Наша тема

За вековните кавадаречки џоломари се раскажува и во Америка

Вековната традиција на џоломарите првпат е објавена во фотокнига. Цветанка Темкова-Илова, Гоце Давидов и Сашко Илов се авторите, а првата печатена верзија ја објавија во Америка. Следната година најавуваат примерок и во Македонија

Џоломарите се дел од пагански, автентичен обичај кој се одбележува на Василица во кавадаречкото село Бегниште. Жителите на селото со посебни василичарски обичаи ги бркаат лошите духови. Ритуалот на џоломарите е зачуван во својата најчиста, изворна форма и затоа е единствен во Македонија. А првпат е посветена и фотокнига - „Џоломари“ на овој пагански обичај и она што ја карактеризира е фактот дека за џоломарите се чита и раскажува дури и во Америка. Книгата е дело на тројцата автори Цветанка Темкова-Илова, Гоце Давидов и Сашко Илов.

Крадење на невестата од џоломарите

Бегниште е едно од постарите населени места во Тиквешијата. Најстарите податоци за селото Бегниште датираат од 1519 година, а се наоѓа во јужниот дел на Кавадарци, во областа Витачево.



- Тројцата имаме работено на археолошки локалитети во Македонија. Секој во својата област што најдобро ја познава. Цеци црташе, Гоце реставрираше, а јас фотографирав. Овој наш интерес кон културното наследство, всушност, беше нашата најсилна алка на спојување и работење на книгата за нашето културно богатство кое ни е најблиску до местото на живеење. Тројцата сме од Кавадарци. А џоломарите - како најблиско живо културно наследство до нашиот дом - беше логично дека ќе го предизвикаат нашето внимание - вели Сашко Илов, еден од авторите на „Џоломари“.

Сашко Илов

Ова е прва книга за овој ритуал, за кој се претпоставува дека е стар најмалку 400 години.

- Фактот што не постојат многу записи за џоломарите беше клучен за отпочнување на нашата работа. Книгата со фотографиите го покажува целиот настан. Како почнуваат да се маскираат џоломарите, па сè до соблекувањето на маската. Идејата е книгата да биде фотодокумент за овој настан. Ние не влегуваме во делот што не го познаваме, а тоа е етнологијата. Тоа е работа на нашиот Институт за етнологија. Во книгата има само една страница текст каде што се објаснува што е тоа што го гледа гледачот. Сè друго се фотографии. Во книгата се служиме со фотографијата како средство за изразување. Опишувањето им го оставаме на луѓето на кои етнологијата им е животен повик - објаснува Илов.

Бабата, симбол на старата година и на мудроста

Тој вели дека се забележува дека книгата ѝ го привлекува вниманието на публиката, особено интересот за „нешто ново“.

Џоломар

- Поради нашиот пропуст како заедница да го забележиме и означиме овој настан, сега реакциите на купувачите се како да откриваат нов континент - вели Илов.



Гоце Давидов и Цветанка Темелкова-Илова

Книгата во моментов е достапна само на американскиот пазар затоа што тројцата автори живеат таму. Тие се надеваат дека ако сите договори поминат непречено, книгата ќе се издаде во Македонија наредната година. Во меѓувреме може да се купи онлајн.

Невестата - во ритуалот има 2 невести кои се симбол на новата година и на плодноста

Оваа паганска традиција, која опстојува со векови, сѐ уште е во автентична форма. Целта на маскирањето на џоломарите е да изгледаат пострашно и да бидат позвучни со клопотарците и на тој начин да ги истераат злите духови.
Опремата за џоломарите се состои од опинци, долги чорапи, волнена ткаена наметка, кај нас позната како чулавка, брада и мустаќи изработени од волна, бастун и клопотарци.


Бркање на лошите духови од селото


Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема