X
 30.10.2022 Наука

Истражување открива во која година од животот е најдобро да престанете да пушите

Ново истражување покажа дека луѓето што се откажале од пушењето пред да наполнат 35 години имаат слична стапка на смртност во одреден временски период како оние што воопшто не пушеле.

Исто така, резултатите од истражувањето покажуваат дека оние што се откажале од пушењето на подоцнежна возраст сè уште имале значителни придобивки, но нивната стапка на смртност ја надминувала на оние што се откажале пред да наполнат 35 години.

На пример, поранешните пушачи што се откажале од пушењето на возраст од 35 до 44 години имале 21 отсто поголема стапка на смртност од која било причина, во споредба со луѓето што никогаш не пушеле цигари. Луѓето што се откажале од пушењето на возраст од 45 до 54 години имале 47 отсто повисока стапка на смртност од кои било причини од луѓето што никогаш не пушеле.

Авторите на истражувањето велат дека пушењето е поврзано со најмалку двојно поголема стапка на смртност од сите причини.

- Откажувањето од пушењето, особено на помлада возраст, беше поврзано со значително намалување на релативната прекумерна смртност поврзана со континуираното пушење - велат тие.

Ова е трето големо истражување кое посочува дека 35 години може да биде оптимална возраст за откажување од пушење, особено за младите пушачи, вели Џон П. Прајс, почесен професор на Катедрата за семејна медицина и јавно здравје на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.

Анализата во ова истражување опфатила податоци од повеќе од 550.000 возрасни лица кои пополниле прашалници помеѓу јануари 1997 и декември 2018 година и биле на возраст меѓу 25 и 84 години во времето на истражувањето што се користело за следење на здравјето на жителите на САД.

цигари
Фото: Unsplash

Овие податоци вклучувале луѓе кои никогаш не пушеле (помалку од 100 цигари во текот на нивниот живот), поранешни пушачи и сегашни пушачи.

Според Националниот индекс на смртност, речиси 75.000 од овие испитаници починале до крајот на 2019 година. Во споредба со оние што никогаш не пушеле, пушачите покажале значително повисоки стапки на смрт од какви било причини, како и повисоки стапки на смрт од рак, срцеви заболувања и белодробни болести.

Белците од нешпанско потекло што биле пушачи имале највисока стапка на смртност од сите причини. Прајс нагласува дека резултатите потсетуваат дека намалувањето на интензитетот, односно бројот на испушени цигари дневно, треба да биде една од целите на програмата за контрола на тутунот.

- Прекинувањето со пушење беше поврзано со значително намалени ризици за сите групи - додаваат авторите на истражувањето.

Рокот од 35 години може да биде потенцијално мотивирачки за младите пушачи кои планираат да се откажат од пушењето, додава Прајс.

Исто така, треба да се нагласи дека не се губи сè по 35-тата година - студијата исто така сугерира дека откажувањето од пушење на постара возраст сепак го намалува ризикот од смрт, но не во толку значителна мера.

Истражувањето има и одредени ограничувања, бидејќи, на пример, податоците за навиките за пушење биле собрани во еден конкретен момент, а овие испитаници можеби подоцна почнале или престанале да пушат. Сепак, истражувањето сугерира дека откажувањето од пушење значително го намалува ризикот од рана смрт.

Извор: Science Alert
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука