X
 30.11.2018 Технологија

„Фејсбук“ подготвува нова корисна функција

Ако погледнеме што сè се случуваше изминатите неколку години, лесно можеме да заклучиме дека „Фејсбук“ никогаш не бил претерано гостопримливо место. Новата функција што ја забележаа некои луѓе би можела да го промени тоа. Имено, „Фејсбук“ тестира нова функција која ќе ви помогне да ги филтрирате непријатните коментари на вашите објави.

Аналитичарката Џејн Манчун Вонг откри нова надеж за коментарите на „Фејсбук“ и таа функционира така што му овозможува на корисникот да ги избира зборовите, фразите или емотиконите кои не сака да ги види на својот ѕид. Сепак, лицата што ќе ги напишат тие коментари, како и нивните пријатели, ќе можат да ги гледаат.

Новата функција би можела да им помогне на корисниците да се ослободат од вознемирувачи и говор на омраза. Колку за потсетување, на „Инстаграм“ веќе има опција за филтрирање на коментарите со помош на рачно дефинирани клучни зборови. „Твитер“ користи сличен метод и им дава можност на корисниците да блокираат одредени зборови и фрази од својот тајмлајн.

Иако оваа функција дефинитивно го демонстрира настојувањето на „Фејсбук“ да ја доведе во ред својата социјална мрежа, како и за сè друго, треба да причекаме и да видиме како ќе реагираат корисниците. Постои шанса снаодливите да пронајдат начин како да ја заобиколат цензурата.

Како и да е, треба да причекаме функцијата да стане глобално достапна, а датумот за тоа сè уште е непознат.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија