X
 30.12.2021 Живот

Колку се среќни луѓето низ земјите во светот, а колку Македонците?

На крајот од 2021 година глобалната надеж и среќа низ светот се намалуваат во споредба со минатата година. Стравувањата од претстојните економски тешкотии остануваат високи и постојано растат. Глобалната пандемија очигледно сè уште влијае врз светските надежи, стравови и очекувања, но има значителни разлики од земја до земја.

Ова се некои од наодите од истражувањето „Крај на годината“ - најдолгото глобално истражување во светот, започнато во 1979 година од „Галуп интернешнл“.

„Крај на годината“ е воспоставена традиција низ целиот свет – со Индекс на надеж, Индекс на среќа и тренд на очекувања за економската состојба.

Како што се приближува крајот на 2021 година, има надеж за посветла иднина во светот, иако не ги достигна високите нивоа измерени пред неколку години. 38 отсто од светското население сега сметаат дека 2022 година ќе биде подобра од 2021 година, 28 отсто очекуваат полоша година, а 27 отсто веруваат дека 2022 ќе биде иста како 2021 година. Сликата изгледаше слично на крајот на 2020 година. 2008 и понатаму останува година со најголемиот песимизам во светот во новиот век.

Се чини дека луѓето во Индонезија се најнадежни (76 отсто таму очекуваат подобра година), заедно со луѓето во Албанија (70 отсто), Нигерија (68 отсто), Азербејџан (62 отсто) и Виетнам (59 отсто). Надежта е мала во Авганистан (56 отсто очекуваат полоша година), Турција (56 отсто), Бугарија (48 отсто), Полска (47 отсто), Чешка (45 отсто) и Пакистан (41 отсто).

Граѓаните на Република Кореја очекуваат претстојната година да биде иста (54 отсто ), а и граѓаните на Италија (48 отсто) и Србија (42 отсто).
37 отсто од Македонците очекуваат 2022 година да биде иста како 2021 година. Но, се чини дека Македонците се поголеми оптимисти, па така 54 отсто изјавиле дека очекуваат 2022 година да биде подобра од 2021, а 38 отсто изјавиле дека ќе биде полоша.

1
Фото: Gallup

Според меѓународната асоцијација „Галуп хоуп индекс“, првите 5 земји-оптимисти се: Индонезија (+72), Албанија (+65), Азербејџан (+53), Нигерија (+51), Мексико и Виетнам (двете земји со нето-резултат од +47).

Топ-5 земји песимисти се Турција (-34), Бугарија (-34), Авганистан (-32), Полска (-30) и Чешка (-25).
 
Европа, Русија и Блискиот Исток имаат тенденција да бидат попесимистички, додека земјите во Азија, на пример, се чини дека се пооптимисти. Надежта во САД, Германија, Велика Британија, Австралија и Индија нагло се намалува во споредба со минатогодишното истражување, додека во Јапонија, Мексико и Кореја значително расте. Турција е уникатен случај со рекорден пораст на песимизмот (делумно поради силниот фактор на инфлација).

Очекувањата за економијата покажуваат вознемиреност. Сепак, нема натамошен раст на грижите – во споредба со минатата година. Денес, 26 отсто од луѓето очекуваат економски просперитет за нивната земја во годината што доаѓа, 41 отсто се подготвени за економски тешкотии и 26 отсто сметаат дека 2022 година ќе биде иста како 2021 година во однос на економијата.

Во Нигерија (61 отсто оптимисти), Индонезија (58 отсто), Виетнам (55 отсто) и Азербејџан (52 отсто), Албанија, Индија (и двете со 49 отсто) економски оптимизам видливо преовладува против песимизмот. Очекувањата за економски тешкотии се најдоминантни во Турција (72 отсто таму очекуваат тешкотии), Босна и Херцеговина (72 отсто), Бугарија (64 отсто), Полска (64 отсто), Романија (61 отсто), Авганистан (60 отсто) и Германија (59 отсто).
 
56 отсто од светското население се сметаат себеси за „прилично среќни или многу среќни“, повеќе од една десетина велат дека се повеќе или помалку несреќни, додека речиси една третина велат дека „ниту се среќни ниту несреќни“.

Луѓето во Колумбија (83 отсто изјавуваат дека се среќни), Казахстан (81 отсто), Албанија (74 отсто), Малезија (78 отсто), Нигерија (78 отсто) се најсреќни според нивната самоевалуација. Најнесреќни се луѓето во Авганистан (36 отсто велат дека се несреќни или многу несреќни), Гана, Ирак (31 отсто), Украина (31 отсто), Турција (23 отсто), Пакистан (23 отсто) и Русија (23 отсто).

Според „ГИА Индексот на среќата“, првите 5 среќни земји се: Колумбија (+79), Казахстан (+76), Албанија (+74), Малезија (+73), Азербејџан (+70 ). Топ-5 несреќни се Гана (+2), Авганистан (+9), Хонгконг (+11), Ирак (17) и Русија (+18).

Латинска Америка, Африка и Источна Азија се меѓу најсреќните места во светот. Европа, Блискиот Исток и Русија (повторно, очекувано) се на помрачна страна.

Извор: Gallup
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот