X
 31.03.2019 Политика

Четвртина од Европејците повеќе ѝ веруваат на вештачката интелигенција отколку на политичарите

На околу една четвртина од Европејците им е толку многу преку глава од нивните лидери, што би го автоматизирале политичкиот процес и одговорноста би им ја префрлиле на роботите. Во Велика Британија и во Германија така мисли едно од три лица.

Но, тие сепак не би им дале целосна контрола на роботите и на вештачката интелигенција (АИ). 70 отсто од Европејците веруваат дека технологијата, како вештачката интелигенција и роботиката, повеќе ќе му наштети на општеството отколку што ќе му направи добрина освен ако не биде зауздена од соодветни прописи.

Погледот на ставот на Европа кон технологијата доаѓа од нов извештај објавен од шпански истражувачи.

Поради тоа што луѓето се сè позагрижени за загубата на работните места предизвикана од сè поголемата автоматизација на работните места, авторите на извештајот се сомневаат дека луѓето што сакаат АИ-лидери се мотивирани повеќе од нивната недоверба во политичарите отколку што сакаат да им дадат власт на машините.

- Овој начин на размислување, кој веројатно е поврзан со сè поголемата недоверба на граѓаните во владите и во политичарите, е значително сомневање во европскиот модел на репрезентативна демократија поради тоа што ја предизвикува самата идеја на народниот суверенитет - истакна Диего Рубио, извршен директор на Центарот за управување со промени.

Во извештајот е наведено дека Европејците очекуваат од нивните лидери (без разлика дали се луѓе или роботи) да ги заштитат нивните работни места од автоматизацијата пред сè.

- Големо мнозинство Европејци очекуваат нивните влади да воведат нови закони и даноци за да ја ограничат автоматизацијата и да спречат разместување на работните места, дури и ако тоа значи забавување на економскиот напредок - додаде Рубио.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика