X
 31.03.2021 Живот

Луѓето ја потценуваат болката на жените, дури и кога тие јасно ја изразуваат

Луѓето не ја разбираат сериозно физичката болка на жените дури и кога, преку изразите на лицето, покажуваат слични нивоа на страдање како мажите, покажува ново психолошко истражување.

Освен што го потценуваат интензитетот на хроничната болка на жените во споредба со мажите, луѓето почесто им препорачуваат на жените да одат на психотерапија за третирање на проблемот, покажува истражувањето.

Ова не е прво истражување што покажало дека дури и перцепцијата на изразите што покажуваат болка е под влијание на родова пристрасност. За жените почесто се смета дека се почувствителни на болка или дека претеруваат во изразувањето на болката, додека за мажите почесто се смета дека може да поднесат повеќе болка, но се чини дека ниту едно од овие популарни мислења не е точно.


Фото: Pixabay

Новото истражување покажува дека врз перцепцијата влијаат очекувањата врз основа на полот, но и начинот на кој се изразува болката. Истражувачите спровеле два експеримента во кои испитаниците требало да го проценат интензитетот на болка кај група мажи и жени. Во едната група учествувале 50 испитаници кои не работат во здравствениот сектор, а во другата група учествувале 197 учесници, меѓу кои имало и здравствени работници.

Двете групи испитаници просечно го проценувале интензитетот на болка кај жените како помал во споредба со мажите. Во втората група, од испитаниците се барало да предложат третман за болката на пациентите, а на жените почесто им се предложувала психотерапија како третман за болката.

Конечно, истражувачите заклучиле и дека оние испитаници што сметале дека жените послободно изразуваат болка, исто така, процениле дека жените чувствувале помалку болка и им препишале помалку лекови. Од друга страна, оние што мислеле дека мажите генерално може да поднесуваат посилни болки, но не ја изразуваат истата болка, направиле процени дека машките пациенти имале посилни болки.

Поголемиот дел од испитаниците погрешно го процениле интензитетот на болка, преценувајќи ги изразите на мажите, а потценувајќи ги оние на жените.

Автор: Карли Касела
Извор: sciencealert.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот