X
 31.05.2017 Култура

Утописки градови кои пропаднаа поради банални причини

Големите луѓе имаат големи идеи, но сепак некои се преамбициозни дури и за најголемите ексцентрици. „Градот и селото мораат да се соединат и од тоа весело партнерство ќе настане нова надеж, нов живот и нова цивилизација“, истакна на почетокот на дваесеттиот век британскиот индустријалец  Ебенезер Хауард. Тој планирал да го промени животот во Велика Британија и да го подготви за некое ново време.

Во тоа време Британија чувствувала тешки последици од загадувањето кое настанало како последица на индустриската револуција, смогот и загадувањето станале секојдневие во пренатрупаните градови. Никој не размислувал за екологијата, но Хауард имал радикална идеја: еколошки чисти градови кои би се создавале околу зелени појаси кои би биле фокусирани на заедницата и квалитетот на животот.

Ги нарекол „градови-градини“.

Милтон Кејнс

Идеите на Хауард влијаеле врз многу британски градови во 20 век, а најмногу врз Милтон Кејнс. Градот настанал во шеесеттите години од минатиот век, подеднакво оддалечен од Лондон, Оксфорд, Кембриџ и Бирмингем. Милтон Кејнс  бил идеална шанса за спроведување на неговите идеи во дело, а повеќе од  200.000 жители кои таму живеат се потврда за успешноста на замислите на Хауард. Сепак, британските автори Тери Прачет и Нил Гејман истакнаа: „Милтон Кејнс е изграден да биде модерно, ефикасно, здраво и пријатно место за живеење. На Британците тоа им беше смешно“.

Утописки визии

Со илјадници години, почнувајчи од грчкиот филозоф  Платон, луѓето се обидувале да изградат совршени општества и имале неверојатно различни утописки  визии. Томас Мор, авторот на терминот „утопија“ , бил уверен дека во совршено општество на секое семејство му требаат по два роба.  Некои феминистки во седумдесеттите ги замислувале совршените општества без мажи. Од друга страна, за најголемиот дел идеалисти, утопија е место кое гарантира мирен живот каде сите се еднакви. Сето тоа убаво звучи на хартија, но честопати утопиите биле катастрофални промашувања.

„Главна причина за таквите промашувања е фактот дека утописките заедници бараат големо ниво на самоодржливост“, вели аналитичарката Џорџија Њумарч од Универзитетот во Ланкастер, а пренесува Ozy.com.

Еден од најдобрите примери за големи желби и замисли е Октагон Сити, кој настанал во руралниот Канзас во 19 век. Основачите испланирале вегетаријански град, но ја прецениле снаодливоста на жителите. Стотина граѓани дошле на планираната локација каде требало да ги дочекаат веќе изградени куќи, но таму нашле само еден плуг, неколку шатори и една единствена дрвена колиба. Не е чудно зошто жителите веднаш побегнале од таму без да се завртат кон местото.

Пропаднати проекти

На сличен начин пропаднала и Фордландија. Американскиот автомобилски магнат Хенри Форд одлучил да го монополизира бразилското производство на каучук и со таа цел почнал со изградба на сопствен индустриски град. Меѓутоа, наишол на неколку проблеми. Врв на иронијата бил фактот дека до Фордландија не постоел ниту еден пат, па набрзо  градот бил напуштен.

На крајот на краиштата, утопиите најчесто исчезнуваат затоа што нивните идејни  иницијатори се обидувале да протуркаат идеи кои биле премногу радикални. „Сите овие пропаднати експерименти се обидувале да оживеат идеи кои дотогаш не постоеле во општествените структури“,  вели Њумарч.

Морализирање на заедниците


Најдобар пример за ова е Нова Хута, заедница која настанала недалеку од Краков во 1949 година. Нова Хута претендирала да биде  претставник на сè она што било убаво и добро во советскиот начин на живот.

Меѓутоа, властите погрешиле во својот пристап, па работниците се побуниле кога им било забрането да постават еден едноставен крст во населбата.

Њумарч  сепак заклучува дека не се сите утопии  однапред осудени на пропаст. Дури ни исмејуваниот  Милтон Кејнс нема да пропадне. Таа истакнува дека утопиите всушност се нацрти за иднината и дека секоја нова пропадната утопија е уште еден чекор поблиску до  постигнување на вистинска утопија.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура