X
 31.05.2021 Уметност

Првата невидлива скулптура во светот продадена за 15 илјади евра

Колку би платиле за ништо? Очигледниот одговор секако е ни денар, но не секогаш е така.

Италијанските медиуми известија за првата невидлива скулптура која била продадена за неверојатни 15.000 евра, и тоа не е шега! Скулптурата, ако воопшто можеме да ја наречеме така, е дело на артистот Салваторе Гарау, кој имаше многу да каже за неговото уметничко дело.

- Успешниот резултат на аукцијата сведочи за еден непобитен факт: празнината не е ништо друго освен простор исполнет со енергија и дури и ако ја испразниме и ништо не остане, според Хајзенберговото начело на неопределеност, тоа ништо има тежина. Така, тоа има енергија која кондензира и се трансформира во честички, накратко, во нас! Кога решавам да „изложам“ нематеријална скулптура во одреден простор, тој простор ќе концентрира одредена количина и густина на мисли во одреден момент, создавајќи скулптура која само од мојот наслов ќе добие најразлични форми. После сè, зарем не го олицетворуваме Господ кој никогаш не сме го виделе? - истакна артистот.

Овој опис е збунувачки исто како и уметноста на Гарау. Но, ако погледнеме од светлата страна, можеме да заклучиме дека скулптурата е еколошка и никако не може да биде копирана.

Како, всушност, функционирало купувањето на невидливата скулптура?

Италијанските медиуми пренесуваат дека делото мора да биде сместено во простор каде што нема пречки, во димензии од 150х150 сантиметри. Сопственикот на скулптурата исто така ќе добие гаранција за автентичноста на делото.


Скулптурата се вика „Јас сум“ и беше продадена на аукција организирана од една италијанска куќа.

Новата изложба ја редефинира уметноста. Многумина претходно се прашуваа што ја дефинира уметноста, но никој не отишол толку далеку да вклучи невидлива уметност како остварлива уметничка форма. Продажбата на ова дело отвора нови врати кон тоа што може да се смета за уметност. Дали и други артисти ќе имаат толкав успех со исти дела? Времето ќе покаже.

Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност