X
 31.07.2017 Култура

Момо Капор за татковците и сопрузите, некогаш и сега

„Кога некој би се осмелил да праша еден предвоен татко кога ќе се врати дома, каде бил и со кого?“

И најголемиот сиромав, и најситниот трговец, и најбедниот чиновник беа богови кога ќе се вратеа дома. Намуртени седнуваа на поставената маса, чекајќи прво ним да им се сервира супата. Се сеќавате ли како трчавте да му ги одврзете врвките од чевлите на својот татко? Кога тој попладне спиеше, како целата тишина се спушташе не само врз вашата куќа туку и врз целиот регион? Мува не смееше да збрмчи.

Во тоа време се чини дека немаше семејни кавги. И ако се караа меѓу себе, родителите го правеа тоа на место каде што ние не можевме да ги чуеме. Само зацрвенетите очи на мајката зборуваа дека нешто се случило. Денес, дури и непораснатите девојчиња пушат пред своите татковци, кои им купуваат цигари. Ние моравме да почекаме да станеме свои луѓе, па дури тогаш да ја запалиме првата цигара пред својот татко, исполнети со страв дека може и да ни влепи шлаканица, пред родените деца. Можете ли да го замислите својот покоен дедо како води љубов со вашата баба и ја прашува: „Ти беше ли убаво?“

Господе: Дали на баба ми ѝ било убаво? А него баш му е гајле дали нејзе ѝ било убаво или не! Баба ми после тоа не му пишуваше на својот психолог во редакцијата на списанието за жени, да се пожали на мојот дедо. Како тие се сакаа и каде, засекогаш ќе остане мистерија. Најверојатно, секогаш во длабока темница, не гледајќи се и не зборувајќи ништо. Љубовта тогаш била тајна.

Денес секој е сопствен психијатар

Денес сите се психоанализираат. Но, се чини дека порано жените биле многу посреќни во однос на денешните. Нивните сопрузи ги почитувале на некој посебен начин и се плашеле од нив повеќе отколку што можеме да претпоставиме, а тие, страдалничките, правеле напор пред светот да покажат дека тие се плашат од нив! А тоа било само маска, дел од вечната игра.

„Куќата беше тврдина, а ние во неа ги чувавме своите мали тајни. Во време кога имаше глад, нè учеа кога ќе одиме кај поимотни роднини на гости да одбиваме храна, и колку и да ја посакувавме тогаш, и да кажеме: ’Благодарам, не можам, токму ова го имавме за ручек!’“ Жими мајка дека го имавме...

„Тато... Колку чуден, мек збор во кој се содржи заштита, строгост, чесност и почит кон трпеливата упорност со која ги поднесувавме своите судбини, не помислувајќи никогаш дека се жртвува заради нас.

Интересно, никогаш не бевме доволно добри за нашите татковци. Навистина, тие нè сакаа, но никогаш не ни го покажуваа тоа срамејќи се, веројатно, од претераната нежност што не им доликувала. Дури откако ќе заминеа од нашите животи, слушавме од нивните пријатели колку се гордееле со нас по кафеаните и парковите, најверојатно досадувајќи им на другите додека покажувале новински исечоци со нашите успеси, кои ги носеле уредно спакувани во нивните излижани паричници.“

Момо Капор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура