X
 31.07.2018 Наша тема

Министерот Адеми прво се обраќа на албански јазик. На прашањата од албански новинари, нема превод на македонски

18 ученички домови ќе добијат нов мебел во вредност од 50 милиони денари, најави денеска министерот за образование и наука, Арбер Адеми 

На албански па на македонски јазик, прашања поставени на албански јазик непреведени на македонски – вака изгледаше прес-конференцијата на министерот за образование и наука, Арбер Адеми, што се одржа денес во Владата. На три поставени прашања од новинарки на албански јазик, не беше обезбеден никаков превод.

На нашето прашање според кој закон во Р. Македонија министер се обраќа прво на албански јазик, од Влада ни објаснија дека нивните прес-конференции се во согласност со принципот „Едно општество“ и може да се одвиваат и на македонски и на албански јазик. - Во ситуации кога се употребува втор јазик, се обезбедува симултан или консекутивен превод или содржината се парафразира. Медиа центарот во Влада на Република Македонија не содржи техничка опрема за симултан превод. Таква опрема е во фаза на набавка и ставање во употреба, со цел да им се овозможат на медиумите целосни услови за нивна работа. Во меѓувреме со цел информациите да бидат достапни за сите медими, министрите ќе се обраќаат и на македонски и на албансијазик, а овој принцип се практикува и за новинарските прашања и одговори, велат од Влада.

На прес-конференцијата се зборуваше за капиталните инвестиции во образованието.

МОН во континуитет инвестира во подобрувањето на квалитетот на основните и средните училишта. Целта е да им се овозможи на учениците максимални услови за непречено следење на наставата, посочи министерот.




Учениците од „Тоде Хаџи Тефов“ ќе добијат нова спортска сала

Во септември треба да завршат градежните работи од реконструкцијата на блоковите В и Г на студентскиот дом „Гоце Делчев“, а во август ќе почне набавка на нов мебел за 18 ученички домови во вредност од 50 милиони денари. Подобрувањето на условите во домовите за ученици и студенти е од особено значење зашто во ученичките домови во последната учебна гогидна имало околу 2400 ученици, а во студентските домови - над 5500. Министерството годишно учествува со околу 180 милиони денари за сместување и храна на ученици и со 200 милиони денари за студентите.

Адеми најави јавни набавки не само за реконструкции, ама и за изградба на нови објекти. Веќе се прави евалуција на понудите за техничка документација за опожарениот училиштен објект во училиштето „11 Октомври“, општина Боговиње, кој целосно изгоре во октомври 2017 година.

Потпишана е јавна набавка во вредност од 77.888.000 денари. Седум училишни објекти за почеток или за нова фаза од реконструкции.
Опфатени се следните училишта: ПОУ „Димката Ангелов-Габерот“ во с. Прждево, Демир Капија; „ПОУ „Јосип Броз Тито“ во с. Радожда, Струга; ОУ „Единство“ во с. Октиси, Струга; ОУ „Васил Главинов“ во Чаир; Ученички дом на средното земјоделско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе; СОУ „Гошо Виќентиев“ во Кочани и СОУ „Гостивар“ во Гостивар.

Селото Љубош, општина Студеничани ќе добие нова училишна зграда наменета за 300 ученици. Ќе се потрошат вкупно 55.460.000 денари до 2020 година.
Ресорниот министер најави дека од септември нови спортски сали ќе имаат учениците од: СОУ „Перо Наков“ во с.Бедиње, кумановско, ОУ „Тодор Хаџи Тефов“ во Кавадарци, ОУ „Мусатафа Ататурк“ во Гостивар и ОУ „Сабедин Бајрами“ во с. Камењане, општина Боговиње. Продолжуваат градежните работи за спортски сали во Чашка, Јосифово, Черкези, Лабуништа, Шипковица, кои се очеквува да бидат готови до наредната учебна година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема