X
 31.07.2020 Образование

Бронзен медал и пофалница освоија средношколците од Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија

На олимпијадата учествуваа 235 ученици од 60 држави од целиот свет

Матурантот Александар Трајковски од Демир Хисар освои бронзен медал на 52. Меѓународна олимпијада по хемија (IChO) која се одржа од 23 до 29 јули во Истанбул, а Дарко Стојчев, ученик во втора година од Кавадарци освои пофалница. По сериозни дилеми, состаноци и планови, меѓународниот комитет на IChO сепак донел одлука престижниот натпревар да се одржи онлајн, во време на пандемија од Ковид-19.


Дел од работната атмосфера на тимот за техничка поддршка за IChO во Истанбул

Македонија ја претставуваа медалистот Трајковски, ученик во четврта година во „Крсте Петков Мисирков“, Демир Хисар, Стојчев, втора година во „Добри Даскалов“, Кавадарци, Леонид Сајков, трета година во „Јосип Броз Тито“, Битола и Михаил Трајков, трета година во приватното училиште „Јахја Кемал“, во скопската населба Карпош.

Подготовките ги реализираа професори од Институтот за хемија кои се вклучени во подготовките на тимовите од 2015 година, а истовремено се членови на Сојузот на хемичарии технолози на Македонија (СХТМ): Миха Буклески, Наташа Ристовска, Јасмина Петреска Станоева, Марина Стефова, Слоботка Алексовска и Владимир Петрушевски.

На олимпијадата улествуваа 235 ученици од 60 држави од целиот свет. Според менторот Буклески огромен бил предизвикот со кој се соочила Турција, земјата домаќин.

- Со минимални организациски проблеми, одлично се справија со сите предизвици, а сите безбедносни протоколи беа беспрекорно реализирани. Сепак, се одржа само теоретскиот дел од натпреватор, а нашите тимови традиционално покажува одлични резултати во решавањето на експерименталните проблеми. Се чуствуваше мало разочарување кај нашиот тим, но сепак Александар Трајковски освои бронзен медал, а Дарко Стојчев доби пофалница – вели Буклески.


Дел од експерименталните подготовки и селекциони натпревари на Институтот за хемија во Скопје

Подготовките за натпреватор биле отежнати. Слични проблеми имале многу тимови, а 20 држави не успеале да го состават тимот за учество на натпреварот.

- Сè до моментот на прогласување вонредна состојба во нашата држава, подготовките се одвиваа редовно и со физичко присуство. На 9 март беа соопштени и резултатите од селекционите натпревари за учество на Интернационалната олимпијада – Менделеев. Потоа, по подолга пауза, подготовките продолжија да се одвиваат онлајн, но со значително намален интензитет. Неможноста да се одржи дополнителен селекционен натпревар за учество на IChO, ја принуди комисијата при СХТМ да донесе одлука за учество на истиот тим – обаснува Буклески.

Натпреварот се реализирал 25 јули на Институтот за хемија во Скопје под постојан видео надзор од организаторот во Истанбул во текот на 5 часа. Секој дел од процесот (печатење на тестовите, нивното скенирање и работата на учениците) бил постојано набљудуван и сниман за да се обезбеди регуларност на највисок степен.


Нашите натпреварувачи на IChO 2020

Иако учениците редовно постигнуваат одлични успеси, и годинава се повторија финансиските презивици на СХТМ за учеството на меѓународни натпревари.

- Тој проблем опстојува долго, а ниту една надлежна институција не успеа да го реши, зашто се нема слух за проблемите со кои се соочуваат сојузите и друштвата кои ги составуваат и подготвуваат тимовите. Целиот тим е благодарен на градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски, кој финансиски нѐ поддржа во услови на пандемија и избори. Тој и семејството Шоптрајанови (професорите Лидија и Бојан) беа единствените кои финансиски го помогнаа учеството на учениците на олимпијадата – објаснува Буклески.

Според него, науката, особено хемијата не е доволно ценета и не ѝ се дава потребното значење.

- Ова дојде до израз кога светот западна во криза со пандемијата. Научникот се создава уште од најрана возраст. Образовниот систем е оној кој треба да го разбуди и развие истражувачкиот дух кај децата. Ако не се вложува правилно во образованието, не може да очекувате развој на науката и технологијата. Но, не завршува сè со образованието. Потребно е да се вложи и во истражувачките капацитети, во науката и во високото образование за да може да го задржите потенцијалниот научник. Се соочуваме со одлив на талентирани млади од незамисливи размери. Вината ни најмалку не може да ја бараме кај нив. Едноставно, нивниот научен развој и издигнување би застанале на многу пониско ниво во однос на она што би го стекнале во развиените држави. Чекорот со развојот на науката е изгубен во моментот кога вработувањето на научно-наставен кадар е ставен во втор план – дециден е Буклески.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Образование