X
 31.07.2021 Наша тема

Александар Чески си поставил предизвик - 365 дена да објавува по едно дело на социјални мрежи

Се научив да ги гледам секојдневните работи со други очи и пробувам да ги преточам во некој цртеж, вели Александар

Александар Чески, познат под псевдонимот Че, си даде предизвик 365 дена да креира без прекин, без пауза... Моментално е до околу ден 250 и секој ден ги објавува своите дела на социјалните мрежи. Вели дека не се ограничува на медиумот при експресија на својата креативна енергија, така што инспирацијата ја преточува во илустрација, фотографија, видео, 3Д-илустарции, мозаици...
Чески е самоук графички дизајнер, моментално има цел титулата да се смени во самоук илустратор, страстен љубител на животот, природата и сè што нè опколува, кој не се плаши од предизвици и учење нови работи.







Би сакал денот да трае подолго

- 365 предизвикот е, всушност, оправдување за мојата постојана потреба од работа и седење пред компјутер. Шегата на страна, 365 предизвикот произлезе од мојата лична потреба да се доусовршам, пред сè, како фотограф, а понатаму и како графички дизајнер. Поради тоа, кога започнував, целта не ми беше само да се ограничам на само еден медиум за создавање (фотографија), туку да се движам и да создавам како што ќе се чувствувам во дадениот период.
Инаку, во комплетна дефиниција зададена според мене, се разбира, постојат многу луѓе кои го правеле ова и пред мене, но според моите правила, 365 е личен предизвик каде што јас морам да создадам некакво визуелно креативно дело во рамките на еден ден и истото да го објавам на социјални медиуми/интернетот до крајот на истиот тој ден, односно до 00 часот - ни споделува Александар.

Вели дека и кризите се составен дел од предизвикот


- Кризи имаше повеќе на почетокот од предизвикот, сега сфаќам дека иако неминовно е надградување на вештините, сепак, сè повеќе се подобрувам во сегментот на брзина на изведување на делата, така што, на пример, доколку на почетокот 365 ми одземаше и по неколку часа од денот, сега овие денови знам да завршам дело и за половина час. Се разбира, квалитетот не е ист кога ќе посветиш повеќе време на една креација, но јас ја завршувам задачата за создавање некакво дело за тој ден. Имало и ситуации кога сум поставувал креација 1 минута пред 00:00 часот, па стресот и притисокот се поголеми во тие моменти, но има и периоди кога ќе се посветам многу порано и завршувам во првиот дел од денот. Всушност, овие 225 дена (до 21 јули), целиот живот ми се води според тоа дали имам направено 365 креација за тој ден или не, и да пробам да ги вклопам сите други обврски што ги имам за тој ден во таа рамка. Дефинитивно би сакал денот да трае подолго - вели Чески.







Секој ден учи и се надградува

Се инспирира од сè што нè опкружува.
- Една од многуте придобивки што ги имам од предизвиков е и способноста да успеам да извадам инспирација од сè што нè опколува, дефинитивно се научив да ги гледам секојдневните работи со други очи и пробувам да ги преточам во некој цртеж. Покрај тоа, голем удел во инспиративниот процес играат стриповите, особено печатените изданија од кои секогаш пробувам да го имитирам стилот, како и Пинтерест, Инстаграм, Фејсбук.
Предизвикот првично почнал со фотографија, но подоцна почнал да се шири со повеќе уметнички форми.







- Бидејќи фотографијата ми и многу драго хоби и со неа се занимавам веќе подолго време полупрофесионално, на почетокот целта со 365 предизвикот беше да се развијам фотографски, но веќе влегов во комфор-зоната кога беше случајот со фотографирање секојдневно, па поради тоа, се решив да пробам друг медиум. Почнав да учам 3Д-програма, па потоа пробав мини-стрипови, во меѓувреме знаев да поставам и некое кратко видео/анимација, за на крајот да завршам со дигитална илустрација која сѐ уште ја усовршувам и пробувам да си го пронајдам стилот - објаснува тој.







Бегам од комфорната зона

За своите дела вели дека се дигитални илустрации, со доза на карикатура и детски цртеж кој би предизвикал насмевка и позитивна вибрација.
Најчесто создава ликови со карактеристични црти на лицето, фиктивни ликови кои би сакале да постојат околу нас, но сепак постојат само во нашите мисли и имагинација.



- Мојата цел со предизвикот е дефинитивно да успеам да го завршам 365 предизвикот, притоа да научам уште некоја нова вештина/техника/стил на цртање и секогаш да учам да ја напуштам комфор-зоната, која иако е пријатна, сепак, според мене, знае да биде кочница во животот, особено за помладите луѓе на кои останува светот - додава Чески.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема