X
 31.07.2022 Здравје

Што е алергија на сонце и како најдобро да се заштитите?

Повеќето луѓе што имаат проблем со алергија на сонце знаат дека тоа е термин со кој се опишуваат повеќе состојби на кожата, како црвенило, исип и пликови кои се јавуваат по изложеност на сончева светлина. Еден од најчестите облици на алергија на сонце е полиморфна светлосна ерупција, позната и како „труење со сонце“.

Докторката Кристијан Талингер, дерматолог во австриската болница „Виенер приватклиник“, објаснува дека алергијата на сонце може да биде и наследна, но и дека често се јавува како последица на други фактори.

- Алергијата може да биде предизвикана и од употребата на некои лекови или изложеност на кожата на растенија, како див пашканат или лимета. Исто така, одредени суплементи што се набавуваат без рецепт може да создадат фотосензитивност, односно абнормална реакција на кожата предизвикана од УВ-зраци - според докторката.

Полесните случаи на алергија на сонце најчесто исчезнуваат без лекување, додека потешките случаи може да се третираат со стероидни кремови или пилули.


Фото:  Freepik

- Неопходно е луѓето што имаат тешка алергија на сонце да преземат превентивни мерки, како што се на пример носење облека со долги ракави, од пријатни материјали и слично - открива Талингер.

Таа додала и дека лицата што имале хируршки зафати особено треба да водат сметка за изложување на раните на сонце бидејќи им е потребна дополнителна нега. Нивното изложување на сонце може да предизвика хиперпигментација, односно потемнување на кожата, или хипопигментација, односно осветлување на кожата, но и други проблеми.

Сончевите УВ-зраци, освен што може да се штетни за кожата, предизвикуваат и сончеви дамки, предвремено стареење, хиперпигментација и други проблеми како псоријаза или рак на кожата.

- Најефикасен начин да се намали ризикот од оштетување на кожата е луѓето да седат под сенка од 10 до 14 часот. Друг е мачкање со крем за сончање со висока УВ-заштита - препорача докторката.

Извор: Ekapija
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје