X
 31.10.2019 Живот

Во Њујорк забранета продажба на паштета од дроб на гуски и на утки

Советниците на градот Њујорк синоќа забранија продажба на кулинарскиот специјалитет фуа-гра, деликатес паштета подготвена од масен дроб од гуска или утка, откако се жалеа борците за заштита на правата на животните.

Одлуката на Советот стапува во сила во 2022 година, откако ќе биде потпишана од градоначалникот Бил де Бласио.

Борците за заштита на правата на животните во Њујорк веќе одамна бараат запирање на продажба на деликатесот, подготвен на специјален начин откако дробот на птиците се здебелува со посебен третман на принудно товење со употреба на цевка. Активистите сметаат дека тоа претставува сурово однесување со животните.

Весникот „Њујорк тајмс“ истакнува дека продажба и производство на фуа-гра се ограничени во Индија, Израел, Велика Британија и во други земји. Во Калифорнија, исто така, постои забрана за продажба на фуа-гра од 2012 година. Ја укинаа за кратко време, но потоа по одлука на судот беше повторно воведена.

Кон средината на овој месец во Калифорнија стапи во сила и забрана за продажба на облека од крзно. Гувернерот на сојузната држава, Гавин Њусам, потпиша пакет закони кои забрануваат брутално однесување со животните. Покрај продажбата на крзна, во Калифорнија е забрането и користење на дивите животни во циркуси.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот