X
 31.10.2019 Наука

Вонземните комети би можеле да бидат чести, покажува објект надвор од Сончевиот Систем

Кометата е натрапник од друг ѕвезден систем. Но „2I/Борисов“, вториот познат меѓуѕвезден посетител по далеку помалата „Оумуамуа“ откриена во 2017 година, изгледа како нормална комета од нашиот Сончев Систем: објект од неколку километри кој исфрла јаглероден моноксиден гас, водена пареа и прашина. Истражувачите што ја објавиле својата анализа оваа недела велат дека големината на двата објекти, заедно со стапката на нивното откритие и други фактори, посочува дека во секој даден момент повеќе од десет меѓуѕвездени посетители големи колку „Оумуамуа“ минуваат низ Сончевиот Систем.

- Нашите сегашни телескопи не се доволно моќни за да ги детектираат сите овие објекти - изјави Брајс Болин, астроном во Калифорнискиот институт за технологија во Пасадена и водечки автор на новото истражување. Но, тој смета дека во иднина големите телескопи ќе можат почесто да ги забележат овие посетители, можеби два или трипати годишно.

Истражувањето е најсеопфатниот изглед досега на еден објект што им го привлече вниманието на астрономите уште од самиот почеток. На 30 август Генадиј Борисов, аматер-астроном во Крим, додека набљудувал низ неговиот телескоп што сам го направил, ги забележал првите навестувања на „2I/Борисов“. За неколку недели астрономите потврдиле дека „Борисов“ се движи толку брзо и на толку чудна траекторија, што мора да потекнува од далечен меѓуѕвезден систем.

1
Фото: NASA


Сега, тим од 43 астрономи од 26 институции во осум земји подготвил детално истражување што треба да го достави до Американското астрономско друштво, кое треба да го објави. Додека на „Оумуамуа“ ѝ фалел светол ореол или опашка и била откриена дури откако излегла од Сончевиот Систем, „Борисов“ е посветол и поактивен. Тимот соопштил дека јадрото на новата комета е од 2 до 3 километри долго, помалку од првите процени - 10 километри, но поголемо од „Оумуамуа“. Кометата „Борисов“, која сè уште е лесно видлива во опсерваториите низ светот, ќе продолжи да свети сè до моментот кога ќе се приближи до Сонцето, на 7 декември.

И тимот доживеал сличен раст во големината. Почнал како мала група, на планетарна научна конференција во Женева, Швајцарија.

- Секој имаше своја теорија или план за тоа како да се проучи овој предмет - вели Болин. Тој помагал да се проучи орбитата на кометата и се здружил со Кери Лисе од лабораторијата за применета физика на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Лорел, Мериленд, која веќе почнала да ја набљудува кометата користејќи 3,5-метарски телескоп во опсерваторијата „Апаџ Поинт“ во Њу Мексико.

Болин и Лисе ги здружиле силите со GROWTH, меѓународен конзорциум специјализиран за следење брзо менувачки астрономски настани. Групата на крајот вклучила податоци од 10 опсерватории, вклучувајќи ги и големите телескопи на Хаваите, вселенскиот телескоп „Хабл“ и лабораторијата „Звики“, со седиште во опсерваторијата Паломар во Калифорнија. Истражувачите успеале да идентификуваат слики уште од март кога објектот се појавил незабележано.

- Ефективно, имаме околу 7 месеци набљудување на оваа комета - вели Болин.

Податоците откриле дека кога кометата сè уште била подалеку од Сонцето отколку од Јупитер, нејзината површината веќе испуштала гас и прашина, па на крајот ја формирала светлата опашка.

Спектарот на кометата на почетокот посочувал дека има целосна црвеникава нијанса и испушта цијаноген гас, кој исто така се наоѓа во кометите на Сончевиот Систем. Новото истражување заклучува дека „Борисов“ има неутрално сива боја и ослободува јаглероден моноксид и водена пареа, што претставува одговор на неодамнешното осветлување.

- Во тој поглед, „Борисов“ изгледа како нормална комета на Сончевиот Систем - вели Колин Снодграс, астроном на Универзитетот во Единбург. Колин е импресиониран од тоа колку рано била активна кометата и дека можела да се забележи од толку далеку. Ако тоа однесување е типично за меѓуѕвездените комети, тогаш големиот телескоп во Чиле што треба да се пушти во употреба во 2022 година може да најде вакви објекти многу порано.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука