X
 31.12.2021 Наша тема

Како ќе се забавуваат младите за Нова година во Македонија, а како низ Европа

„Дома со партнерот или пријателите“ и „Со добра музика е загарантирана добра забава“ се најчестите одговори на прашањето каде младите ќе ги прослават празниците? Најпопуларни кај нас се денските журки, а низ Европа нема собирања на плоштадите

Дочекот на Новата година важи за еден од највозбудливите и најпрославувани настани во светот. Новогодишната ноќ е повод за забава за сите луѓе, почнувајќи од најмладите, па сѐ до највозрасните. Сепак, секој на различен начин ја прославува оваа ноќ, или не ја прославува.

Досега луѓето низ светот се приспособија на новиот начин на живот, еден период целосно беа изоставени забавите, а државите се соочуваа со заклучувања, односно карантини и полициски час. Но, во Македонија забавите повторно станаа дел од секојдневието. Кафулињата и дискотеките се преполни и друштвата се во голем број, па се чини дека луѓето, а најмногу младите се ослободија од стравот. Друштвениот живот во земјава е активен како некогаш. Според досега виденото, короната веќе нема да претставува пречка за прославување на новогодишната ноќ како што беше лани. Во контекст на темава направивме мала анкета на млади луѓе за тоа каде и со кого ќе ја прослават Новата година.

Ги прашавме дали стравот од короната ќе ги спречи во празнување и каде ќе ја прослават Новата година, а најчести одговори беа:
„Во домашна атмосфера со партнерот или пријателите.“
„Дома, одбрано друштво и добра музика е загарантирана забава.“
„Мало друштво во викендичка на планина.“
„Дома сами со партнерот.“



Голем дел од младите ноќта ќе ја поминат во домашна атмосфера со веќе одбрано друштво. Но, исто така, на младите повеќе им се допаѓаат забавите во текот на денот, денски журки, кои станаа поактуелни отколку вечерните забави.

- Во текот на денот со пријателите ќе се забавуваме во кафуле или кафеана бидејќи денските журки се позабавни од ноќните. Вечерта веројатно ќе ја поминеме во потивка атмосфера - вели Маја, 23-годишна студентка на Електротехника.

Секако дека има и луѓе што не ѝ придаваат толкаво значење на оваа ноќ и ќе останат во своите домови.

- Нова година ама баш ништо не ми значи - ќе видам, уште не знам, можеби со неколку пријатели, а можеби и ќе си заспијам - вели Кристијан (22) и се смее.

Филип (24) вака го доживува празникот: - И дента и ноќта ќе се забавувам во некое кафуле.

- Мене никогаш не ме интересирала Новата година, ме заморува целата таа збрка околу таа вечер и ништо не ми значи - чудо големо..., така што уште немам план - коментира Никола.

Сепак, атрактивните кафулиња и кафеани низ цела Македонија ќе бидат преполни. Како што велат дел од соговорниците, македонските туристички агенции имале одлични понуди за забава надвор од државава, па иако е време на пандемија, некои ќе ја прослават новогодишната ноќ во странство, како и во соседните земји Србија и Грција. Некои сами, некои со друштво, други со родителите.

Во голем дел од светските метрополи дочекот на Новата година се одвива на градските плоштади, каде што на полноќ обично има спектакуларни огномети, традиционална храна и забавна музика. Но дали тоа е така и оваа година? Поради пандемијата, во голем број од земјите низ светот новогодишната ноќ ќе биде проследена со рестрикции, забрани, без концерти, а некаде, како во Грција, и со маски на отворено. Последните вести од оваа земја се дека ако ве фатат без маска на улица, казната е 300 евра - доволно да ви се расипе расположението.

За разлика од Македонија, поради новиот сој омикрон, во многу земји во регионот и во светот, па така и во Данска, се воведени поголеми ограничувања и рестрикции. Новогодишната ноќ нема да се пречекува на плоштадите, во рестораните и кафетериите, кои е предвидено да се затвораат во 23 часот, а ноќните клубови и барови воопшто нема да работат. Според кажувањата на Марко Ивановски, кој живее и студира во Данска, младите почнале да ги менуваат своите планови за дочекот на Новата година.

- На голем број од луѓето, особено на младите, им се смени планот за новогодишната ноќ откако на 19 декември беа предложени нови мерки поради големиот број заболени, кој изнесува 13.000-14.000 дневно. Младите планираат најпрвин да ја дочекаат Новата година во кругот на својата фамилија, а потоа ќе ја продолжат прославата со своите друштва - вели Марко.

За Словенија ни раскажува Илина, која студираше и живее во Љубљана, и вели дека нема да има прослави на отворено, односно на плоштадите. Во домашни услови е дозволено собирање на луѓе само од 3 различни домаќинства, додека во рестораните и кафетериите ќе биде дозволено славење само со приложен негативен тест без разлика дали некој е вакциниран или прележан.

Во Франција, исто така, оваа година дочекот ќе биде проследен со мерки и рестрикции. Ноќните клубови ќе бидат затворени и откажано е традиционалното, спектакуларно собирање на Шанзелизе во Париз.

Ситуацијата во Полска е малку поразлична бидејќи ноќните клубови сега не работат, но за новогодишната ноќ ќе бидат отворени, а потоа повторно ќе се затворат. Додека во

Португалија до 2 јануари ќе бидат отворени сите кафетерии, барови и ноќни клубови.

Во Италија, како што ни кажа Џина од Рим, ќе биде со многу рестрикции.

- Забрането е собирањето на плоштадите насекаде во земјата, а особено во големите градови. Иако имало многу дебати на таа тема затоа што луѓето велат дека е поопасно собирање во големи групи по станови и куќи, односно во затворен простор отколку на плоштадите, одлуката падна и нема да има настани во градот на плоштадите и фонтаните. Младите сега планираат да ја дочекаат 2022 со друштво дома, а потоа да прошетаат надвор по улиците – вели Џина.

Сепак, се чини дека во земјава не постои доволно лошо време кое би можело да ги спречи луѓето да се забавуваат и да ги поминат деновите со најблиските, секој на свој начин.
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема