Демотивирани сме кога секој сам мора да најде пари за на Олимпијада, вели матурантот Милан Тасевски од Берово

Демотивирани сме кога секој сам мора да најде пари за на Олимпијада, вели матурантот Милан Тасевски од Берово

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Би им препорачал на децата што не можат да најдат мотивација за математика да останат на додатна настава дури и кога не сакаат, затоа што најголемата инспирација доаѓа токму во моментите кога не си подготвен, советува математичкиот олимпиец кој освои бронзен медал на Иранската геометриска олимпијада

Математиката е предмет што бара најголема посветеност, внимание, фокусираност и логичко поврзување на работите. Јас обожавам предизвици и токму затоа ова е мојот омилен предмет. Сепак, не би рекол дека љубовта кон математиката ми се појави гледајќи површно на работите. Напротив, соочувајќи се со сѐ поголеми проблеми, навлегуваш подлабоко во суштината, а тоа е единствениот начин на кој можеш да ја пронајдеш вистинската убавина на математиката, споделува Милан Тасевски, матурант во средното училиште „Ацо Русковски“ од Берово, добитник на бронзен медал во категоријата напредно ниво на Иранската геометриска олимпијада годинава.

Милан на ИМО во Рио де Жанеиро во 2017 год.

Демотивира кога е неизвесно дали ќе одиме на натпревар


Тој вели дека токму овој медал, меѓу многуте што го красат неговиот дом, има посебно место во неговото катче со медали затоа што Милан бил единствениот од Македонија што освоил медал во оваа категорија.

Интернационалната олимпијада по математика ја смета за пресвртница во животот и пофалницата освоена таму му е убедливо најмила.
- Патот до ИМО ми започна во шесто одделение и оттогаш учествувам на сите натпревари по математика во Македонија и на сите што се од национален карактер имам освоено некоја од првите три награди. Вакви национални награди имам дваесетина. Неколку класи над нив ми се медалите од Европскиот математички куп (категорија јуниор), Иранската геометриска олимпијада (категорија средно ниво), како и неколкуте пофалници на натпревари од овој тип - објаснува тој.

Милан со бронзениот медал од Иранската геометриска олимпијада

Речиси пред секое претставување на Македонија на некаква олимпијада учесниците се соочуваат со дилемата како да ги платат трошоците и да заминат да ја претставуваат државата. За жал, Милан морал да го искуси ова и смета дека ова е еден од најголемите проблеми поврзани со македонското образование.

- Многу е демотивирачки кога ќе се најдеш во таква ситуација. Ова беше голем проблем за мене и за целиот тим при одењето на ИМО лани, кое се одржа во Рио де Жанеиро, Бразил. Бевме принудени да бараме средства, а не успеавме да најдеме спонзор за репрезентацијата, па секој се снаоѓаше. За мене, тука се најдоа моето училиште и Советот на Општина Берово и моите патни трошоци беа целосно покриени, но другите репрезентативци немаа таква среќа. Се надевам дека тоа ќе се подобри во иднина - посочува Тасевски.

Вложувам многу труд

Љубовта кон математиката му е од мали нозе.
- Мене отсекогаш ми биле привлечни проблемите што требало да ги решам, иако на почетокот биле мошне основни. Не можам да издвојам една личност од која најмногу сум научил математика. Мислам дека сите што ми помогнале ми помогнале еднакво, а самиот најмногу вложував - вели Милан.


За многу деца математиката е баба рога, наука од која многу се плашат. Матурантот од Берово им дава совет како да ја засакаат.
- Мислам дека повеќето ученици имаат тешкотии да ја најдат оваа убавина во предвидениот наставен материјал и останувањето на додатна настава би можело да им ги помести границите. Па, иако можеби изгледа како табу, сепак би им препорачал на децата што не можат да најдат мотивација за математика да останат на додатна настава дури и кога не сакаат, затоа што најголемата инспирација доаѓа токму во моментите кога не си подготвен - советува Милан.

Тој додава дека мотивација за учениците е поддршката од Агенцијата за млади и спорт, која им помага на талентираните млади ученици што се активни во натпреварите.
Талентираните ученици не би успеале доколку не би биле одредени наставници.
- Првичниот поттик да одам на натпревари ми го даде мојата преамбициозна наставничка Лилјана Багашовска, која беше тука за мене во целото основно образование. Подоцна, продолжив од каде што застанав со професорот Крум Спенџарски и тој ми беше ментор во средното образование. А покрај наставниците, морам да му дадам големо значење и на математичарот Петар Ружински затоа што ме поддржуваше, ме мотивираше и ми помагаше од почеток до крај - вели Милан.

Сака да студира програмирање во Англија

Освен математиката, Милан многу го сака програмирањето, но сака и да чита книги. За важен предмет ја смета и физиката.
Месецов ја посети Финска за да работи на проект од „Еразмус+“ заедно со 30-ина млади од оваа скандинавска земја, од Грција и од Македонија.


- Проектот, иако не беше на никаков начин поврзан со математиката, сепак ми отвори нови погледи и можности да се надградам себеси. Задача ни беше да снимиме краток филм за да се истакнат стереотипите, расизмот и дискриминацијата во модерното општество и заеднички да најдеме начин како да ги надминеме. Наоѓајќи се во ваква околина со млади амбициозни луѓе, стекнав многу искуства кои, се разбира, ќе ми бидат потребни во иднина - среќен е младиот математичар.

Милан посакува да студира програмирање во Англија и ќе се обиде да го оствари сонот, ако добие стипендија. План Б му се студии во Германија и во Словенија, а не е исклучена ни Македонија.