„Јовано, Јованке“ ечи во Чешка веќе 12 години

„Јовано, Јованке“ ечи во Чешка веќе 12 години

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Низ групата „Ливада“ формирана во 2006 година минале повеќе членови. Некои од нив со групата завршиле средно училиште и факултет, и направиле свадба

„Дафино вино црвено“, „Јовано, Јованке“, „А бре воденичаре“... Ова се само дел од македонските изворни песни што членовите на чешката група „Ливада“ ги изведуваат веќе дузина години. Настапуваат во Брно и околината, на локални фестивали, а може да се пофалат и со едно гостување во Прилеп! Инспирирани од македонската музичка традиција, импресивна е изведбата на песните, особено во делот на јазичната интерпретација.
Низ групата формирана во 2006 година минале повеќе членови. Некои од нив со групата завршиле средно училиште и факултет, и направиле свадба. Денес „Ливада“ ја сочинуваат три Чехинки и еден Македонец.

Изабела Оравова (Иза) – главен вокал, гитара, тамбура, Мирослава Ткадлечкова (Мирка) – виолина, вокал, Ивана Кадлецова – вокал, дајре и Диме Митревски – тапан, тарабука, деф, тамбура, вокал. Одвреме-навреме со нив знаат да засвират и разни музички гости и поранешни членови, често пати на хармоника и на кавал.
- Македонските гости-музичари за нас се секогаш голема радост и збогатување. Чест ми е што сме свиреле со Владимир Мартиновски од Скопје и со Александар Арабаџиев од Виена – вели Иза.

„Сè почна со еден неповторлив човек...“

Таа ја раскажува приказната за создавањето на музичкиот состав.
- Почетоците се поврзани со еден неповторлив човек кој, за жал, веќе неколку години не е меѓу нас – д-р Љупчо Митревски, кој до 2009 година предаваше на брњенскиот Филозофски факултет. Со него се запознав во 2006 година бидејќи сакав да си ги освежам познавањата од македонски јазик. Се спријателивме и откривме заедничка љубов кон музиката и пеењето – вели Иза.



Таа се сеќава на патувањата во Македонија и регионот од детството и раната младост. Уште тогаш знаела и пеела многу македонски народни песни. Седум-осминскиот такт ѝ бил одамна влезен во крвта, но како дете немала таков интерес за етномузиката како денес.

- Љупчо ме запозна и со друштвото на денес веќе 70/80-годишни Македонци, кои пристигнале во Чешка како мали дечиња кон крајот на 40-тите и почетокот од 50-тите години. Нивната дружба не можеше да се замисли без песна и музика. Се зачудив кога ми предложија со неколку песни да ја претставам нивната заедница на Предбожиќниот концерт на народните малцинства во еден брњенски театар. За да не настапам сама, поканив двајца добри музичари (гајдаџија и хармоникаш), кои добро ги познавав. Разбирливо, Љупчо стана мошне талентиран тапанџија. Настапот беше повеќе од успешен, па ни беше жал да прекинеме со свирењето и репертоарот да падне во заборав. И така се роди „Ливада“. Љупчо беше неуморен домаќин и извонреден готвач, па пробите кај него секогаш претставуваа и гурманско доживување, на кое членовите на групата се запознаваа со македонската кујна и култура – раскажува Иза.

Со крајот на средновековието таквите песни исчезнале од Средна Европа

Мирка вели дека не планирала да изведува македонски народни песни. Едноставно сакала да свири за своја душа, во мала акустична група.
- Пробав, и изборот се покажа добар – вели таа.
Иза објаснува дека музиката ѝ влегла под кожа многу одамна. Вели дека и да не биле тие патувања, оваа музика ќе си го најдела патот до неа.
- Ни оддалеку не се работи за униформна музика, напротив, има многу лица и форми. Најмногу ми се допаѓа огромната доминација на неправилните ритми, со кои човек ретко се среќава во европскиот простор, а во словенскиот уште помалку (со исклучок на музиката од Јужна Србија, од каде што потекнуваат и неколку наши преработки). За неправилните ритми може многу да се зборува. Една моја другарка-музикотерапевт тврди дека сјајно ги спојуваат десната и левата мозочна хемисфера! На почетокот не ни знаев дека постојат т.н. неправилни ритми. Ми доаѓаа сосема природно. Но, за чешките музичари, кои не ги знаат и не се навикнати на нив, овие ритми се голем проблем, и тешко се внесуваат во нив. Потоа, ги сакам и песните во бордун, целосно изградени на еден акорд или тон. Таквите песни во Средна Европа исчезнале со крајот на средновековието, но во Македонија ваквото песнопојство е уште живо – живописно објаснува Иза.

Настап во природа. Извор: Јутјуб

Мирка вели дека омилени ѝ се староградските песни, особено тие со хармоника. Според неа, имаат слични елементи со чешките песни, истовремено атмосферата им е доволно „балканска“.

- Овие песни се и лесно приемчиви за чешкото уво - вели Мирка.
Иза има многу омилени, но би ги издвоила развлечените, често меланхолични песни и балади, снимени од некогашните славни народни пејачи од т.н. генерација на кадифени гласови.
- Пред нивната орнаментална убавина и длабочина можеме само да воздивнуваме. Нашите интерпретации секогаш само поттрчнуваат зад нивните како ждребе зад стадо планински коњи. Сепак, овие песни се толку убави, што се трудиме на секој концерт да изведеме барем една-две од нив, во зависност од публиката и од ситуацијата, бидејќи слушателите по правило ги преферираат побрзите, ритмички нумери. Планираме да составиме и еден поинтимен репертоар, за во чајџилница, насочен повеќе кон овие песни и општо кон чалгијата – објаснува Иза.

Сличности и разлики со чешката музика

Има и многу песни што им се допаѓаат, но веднаш им е јасно дека не можат да ги обработат. Дали поради тешкиот аранжман, или поради недостигот од многу инструменти. Но, од друга страна, тоа ги принудува да бидат поиновативни и покреативни.
На прашањето има ли македонската музика допир со чешката изворна музика, Диме вели дека сличности побрзо ќе се најдат во моравската традиционална отколку во бохемиската музика. Toj повеќе години живее во Чешка. Во моментот е докторанд на Филозофскиот факултет при Масариковиот универзитет во Брно.
- За разлика од втората, првата е далеку послоевита и поразновидна, и можеби најблиската допирна точка се баладите. Овие песни од Јужна Моравија и Влахија честопати оддаваат една блискост преку приказните за друмските разбојници-ајдуци, за свршениците што чекаат да им се врати саканиот од војска… На мелодиски план дури се јавуваат созвучја кои крепат слична меланхолија како рубатовките испеани од нашите доајени Лазарова, Бадев или Сариевски. На прво слушање, музиката од Моравија кај нас може да пробуди асоцијации на унгарскиот чардаш, на блех-оркестрите или на војводинската тамбурашка музика – вели Диме.

Диме Митрески

Иза го дополнува:
- Целосно се согласувам, но има неколку бавни, баладски песни, како „Ајде слушај слушај, калеш бре Анѓо“, особено во интерпретација на Анка Гиева, за кои нашите пријатели од Чешка по првото слушање велат: „Па ова е како во моравска винарница!“ Главната разлика е во ритмите. Моравската (особено бохемиската) народна музика нема и речиси не познава орнаментика во пеењето, особено не малите украси и вибрата на планот на основниот тон, кои македонскиот пејач или пејачка ги создава со дијафрагмата, и се толку типични за македонскиот мелос.

Изговорот на македонските зборови во песните е на завидно ниво. Според Иза, блискоста на два словенски јазика не е олеснителна околност бидејќи изговорот кај секој словенски јазик е поинаку организиран. Така, и покрај огромната блискост на двата јазика, лесно се познава дури и Чех што зборува словачки и Словак што зборува чешки.
- Ова нескромно му го припишувам на фактот дека и двете пејачки се талентирани за фонетика – на крајот на краиштата, Ива по професија е логопед, а јас преведувач – вели таа.

Се спрема нов репертоар

Настапуваат по најразлични поводи - од изложби и етнофестивали до самостојни целовечерни концерти во кафулиња и музички клубови. Членовите на „Ливада“ велат дека и реакцијата на публиката секогаш е различна, но ретко останува рамнодушна. Диме вели дека концертите во Чешка (и атмосферата) се сосема поинакви од тие во Македонија.
- Малку танцуваат, но опсервацијата на публиката на отсвиреното е многу поконцентрирана. Со други зборови, ако имате концерт во Чешка, не очекувајте некое големо раздвижување, но бидете подготвени за конкретни прашања и коментари за вашата музика по концертот. Дури и за темелни дискусии за техничката подготвеност на вашиот бенд, за потеклото и влијанијата во музиката што ја свирите – објаснува тој.



Прво и засега единствено музичко гостување на „Ливада“ во Македонија било во 2016 година, во Прилеп, родниот град на Диме. Тие ја подготвиле „Каде се чуло видело (владика Турчин да стани)“, стара чалгиска песна.
- Првпат е снимена од Прилепските еснафи за серијата „Распеани градови“ од 1971 година. Таа прва снимка е придружена од кратка инсценација на приказната од песната, снимена на повеќе локации низ градот, а главно во Старата чаршија. Оваа песна ние ја преработивме и ја изведовме повторно во старата прилепска чаршија, на една од тие локации, можеби првпат по 70-тите години – вели Диме.

За Иза, концертот бил вистинско доживување. Имале малку трема, но од искуството имаат убави спомени.
Деновиве членовите на „Ливада“ спремаат релативно нов репертоар. Со последните промени во составот на групата морале да ги приспособат аранжманите на песните и да разработат нови нумери со сегашната постава.
- Засега звукот се движи во поинтимна, речиси чалгиска насока, со моќните вокали на девојките во преден план – вели Диме.