Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Како да напишете семинарска

 

 

Не гледајте на семинарската работа само како на уште една студентска обврска што треба да ја направите колку за да поминете. Нештата што можете да ги научите подготвувајќи ја, ќе Ви користат на повеќе начини при идните професионални ангажмани.

seminarska-kako-se-pisuva 

Изработката на семинарската работа не би требало да ти претставува посебен проблем ако имаш на памет неколку нешта што ќе те водат. Затоа, пред да седнеш да правиш што било, направи концепт за тоа како сакаш да изгледа твојата семинарска. Притоа, имај предвид дека јазичната писменост е исто толку важна како и самата содржина.

Секоја семинарска мора да ги содржи деловите, како што се вовед, изложување на темата, заклучок и користена литература. Тука нема да се задржуваме поединечно на секоја точка, бидејќи веќе постојат многу други извори од кои можеш да научиш повеќе за нив. Тоа на што сакаме да укажеме овде се најчестите јазични пропусти.

# Наводници. Наводниците во македонскиот јазик имаат строго утврдена форма и се долни и горни. Секој наводник е завртен на надворешната страна.

Пример: универзитет „Свети Кирил и Методиј“

Многу често, под влијание на англискиот јазик, се среќаваат само горни наводници или, пак, завртени на погрешна страна. Тоа не е прифатливо и многу е веројатно дека нема да му се допадне на твојот професор.

Пример: универзитет “Свети Кирил и Методиј“

# Големи букви. Нема потреба битните делови, дефиниции или одредени поими да ги пишуваш со сите големи букви или, кажано со компјутерската терминологија, во CAPS LOCK. Голема буква се пишува само на почеток на реченицата и во оние зборови (лични имиња, географски поими и сл.) за кои со правопис е утврдено дека се пишуваат со голема почетна буква.

Дополнително, доколку сакаш да истакнеш одреден дел, употреби ги масните букви (болд) или косите (италик).

# Цитати. Доколку сакаш да цитираш одреден автор, неговиот текст стави го во наводници.

„Кого не можеш да го научиш да лета, научи го што побргу да падне“, вели Фридрих Ниче во книгата „Така зборуваше Заратустра“.

# Референци. Литературата што ти послужила при изработката на семинарската најчесто се наведува на крајот од текстот во делот Користена литература. Дури и ако користиш фусноти, во кои на дното на самата страница ги наведуваш референците, пожелно е на крајот, сепак, да ги сумираш на едно место.

Референцата треба да ги содржи името и презимето на авторот на книгата, годината и местото на објавување на книгата и издавачката куќа што стои зад изданието.

Пример: Правопис на македонскиот литературен јазик, Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, Р. Угриновска-Скаловска, Скопје, Просветно дело, 2005

Имај предвид дека користената литература се наведува во оригинал. Тоа значи дека, ако си користел странска литература, и податоците во референцата ќе треба да ги наведеш онака како што стојат и на самото издание.

Пример: Milan Kundera, Nesnesitelná lehkost butí, Gallimard, 1984

# Насловна страница. Откако ќе ја подготвиш содржински семинарската работа, редно е да ѝ се посветиш на насловната страница. Најгоре треба да стои името на универзитетот на кој студираш, а во средината - насловот на семинарската. Долу во левиот агол треба да стојат твоето име и презиме, а во десниот агол името и презимето на твојот ментор. Најдолу во средината треба да стојат местото и датумот на изработката на семинарската.

Забелешка: Во најголемиот дел од јазиците, па и во македонскиот, правило е прво да се пишува името, а потоа презимето. Обратниот редослед се применува само во некои административни форми и во официјални списоци подредени по азбучен ред според почетната буква на презимето.

# Печатни грешки. Пред да ја предадеш семинарската, убаво провери ја уште еднаш и исправи ги печатните грешки, кои речиси сигурно ти се провлекле. Пропуштените и преметнатите букви се навидум ситни грешки, кои во голема мера го уриваат впечатокот за тебе и за твојата стручна подготвеност. Консултирај правопис и речници и не дозволувај јазичните грешки да му ја намалат вредноста на твојот труд.

Извор

Маја Катарова

 
Објавено на 06.07.2011 во категорија Образование
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook