Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Како да напишете CV и пропратно писмо

 
Нашата професионална биографија е ПРИКАЗНА, информација која го информира потенцијалниот работодавач кои се нашите знаења и способности и дали ние добро би се вклопиле во фирмата и во барањата наведениво огласот.

cv

Карактеристика број 1: Професионалната биографија треба да е КОНЦИЗНА И ПОТПОЛНА

Зборот концизна означува дека професионалната биографија (СИ-ВИ, резиме) треба да е СРЕДЕНА, УРЕДНА и да плени со својата разбирливост. Концизната професионална биографија е едноставна но истовремено и целосно информативна - се е на едно место, се е тука, убаво е средено, има убав тек. Едноставно, ги има сите потребни информации за вас, за вашето знаење, способности, интереси, образование, семинари, конференции и чекори кои покажуваат желба за постојано учење, личен развој и развој во кариерата. Значи концизноста се однесува на тоа да нема непотребни информации (на пример навлегување во премногу детали за вашето претходно работно место или за семинарските кои сте ги изработиле, а не се директно поврзани со тоа што се бара во огласот). ПОТПОЛНОСТА се однесува на тоа да не фалатинформации. На пример ако не е објаснето од кога до кога сте работеле; не е јасно што е наслов а што поднаслов; фали опис на нешто што се бара во огласот (на пример тимска работа и опис дека сме работеле во тим во нашата претходна работа или тимски сме правеле истражување за време на студиите; или се бара млад човек на возраст до 35 години а ние не ставиме датум на раѓање). Биографијата е потполна ако дава целосна слика и ПРИКАЗНА за вас, вашите знаења, интереси, способности, карактер, менталитет, аспирации, желби и амбиции. Сите овие работи треба директно или индиректно да бидат наведени.

Карактеристика 2: ЈАСНОСТ ВО ЈАЗИКОТ И ФОРМАТОТ

ЈАСНОСТА веднаш се надоградува на КОНЦИЗНОСТА бидејќи вашата професионална биографијата треба пред се да биде РАЗБИРЛИВА во изразувањето и јазикот. Секој збор да е на правото место, секоја реченица да има јасна смисла и поента. Тоа што е разбирливо за нас можеби не е разбирливо за личноста која ќе ги чита професионалните биографии и ќе се потруди што побрзо да елиминира 90% од нив. Пробајте да се ставите на местото на човекот кој ќе ги чита сите 30, 50 или 100 пристигнати биографии! Размислете зошто и како да ја одбијам оваа биографија и зошто да не ја викнам на интервју оваа личност која ја напишала биографијата која ја читам? Ставајќи се на местото на тој кој треба да не викне на интервју или одбие ќе можеме подобро да видиме дали нашата професионална биографија одговара на конкретниот оглас или не. БАРАЈТЕ ГИ СЛАБОСТИТЕ НА ВАШАТА БИОГРАФИЈА!!! Подобро е ние први да ги видиме отколку тој кој ќе треба да одлучува дали да не викне на интервју. Затоа препрочитајте ја секоја реченица и збор, видете дали секој збор најдобро го објаснува тоа што сакате да го кажете, дали може појасно да кажете нешто. Важно е да имаме што повеќе КЛУЧНИ зборови кои очекуваме да бидат барани или веќе се споменати во самиот оглас (за ова подоцна). Вештината во пишувањето на професионална биографија е со помалку зборови да кажеме повеќе. Ја знаете мудроста - извинете што ви пишувам на долго, но немав време да напишам кратко. Тоа значи дека се немало време да се одмери точноста, важноста на секој збор, местото на секој збор, дали речениците го кажуваат тоа што сакаме да го кажеме. Доколку сакате да имаме концизна и разбирлива професионална биографија мора да ја прочитаме критички минимум 10 пати пред да кажеме - да имам биографија и ќе ја пратам. Препорачливо е минимум двајца други критички да ја прочитаат (пријатели, познаници, луѓе кои веќе работат и имаат добра професионлана биографија, родители). Што се однесува до ФОРМАТОТ, тој мора да оддава структуираност и прегледност. Изборот на форматот е лично наш и треба форматот да биде тој кој нас највеќе ни се допаѓа. За да одбереме формат треба да имаме видено барем 4-5 облици на формат. Во некој од наредните броеви ќе дадеме и примери и сугестии каде (интернет, книги) може да се најдат различни формати. Во секој случај зборот формат се однесува на начинот на кој страницата изгледа. Обично професионалните биографии имаат јасни наслови (на пример: образование, способности, работно искуство, обуки и семинари, лични особини) и поднаслови. Секоја од овие области треба да има поента зошто е ставена во биографијата. Ако имаме само една обука или семинар, ги ставаме под образование со цел да не изгледа дека досега сме успеале да одиме на само еден семинар. Форматот е огледало на нашата личност и треба да направиме да биде јасен но истовремено да биде и САМО НАШ. Важно е да направиме нешто креативно во изгледот и форматот на страната така да не се приметува дека сме украле некој стандарден тип на биографија. Доколку немаме креативна, лично наша биографија тоа веднаш се приметува и оддава некретивност, конзервативност и немање желба за навлегување во нештата и давање се од себе да се направи најдоброто. Значи - форматот мора да е лично наш и никој друг да нема таков!!!

Прашања кои треба да си ги поставиме кога размислуваме дали нашата професионална биографија е КОНЦИЗНА, ПОТПОЛНА И ЈАСНА ВО ЈАЗИКОТ И ФОРМАТОТ се:
- Дали секој збор е на правото место?
- Дали некои информации се одвишни?
- Дали некои информации не се наведени?
- Дали биографијата е едноставна но целосно информативна?
- Дали тој/таа што ќе ја чита мојата биографија ќе може да разбере што јас сакам да кажам и да ја почувствува мојата приказна?
- Дали има причина да ја одбијат мојата професионална биографија? Зошто не би ја одбиле?
- Дали познавам некој кој може да ја прочита мојата биографија и да ми даде корисни сугестии?
- ДАЛИ СМЕ СИГУРНИ ДЕКА НАШАТА БИОГРАФИЈА Е ПЕРФЕКТНА И НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПОДОБРА?
- Дали имам видено нечија професионална биографија која е перфектна?
- Дали со помалку зборови кажуваме повеќе?
- Дали форматот е лично мој или има шанси уште 10 други кандидати да имаат ист формат?
- Кои се слабостите на мојата професионална биографија?
- Што семинари, курсеви, истражувања, активности треба да направам за да мојата биографија изгледа подобра?

Она што е важно е ПРОФЕСИОНЛНАТА БИОГРАФИЈА ДА БИДЕ РАЗЛИЧНА ОД ДРУГИТЕ И ДА ПРИВЛЕЧЕ ВНИМАНИЕ!
Запомнете: Да биде приметена нашата професионална биографија е единствениот начин да најдеме работа или да најдеме подобра работа!

Карактеристика 3: Професионалната биографија треба ЛЕСНО ДА СЕ ЧИТА.

Читливоста е слична со концизноста, потполноста и јасноста но и доволно различна за да и посветиме посебно внимание. Читливоста означува колку очите на читателот можат брзо да се движат низ текстот и да го разберат начинот на кој секој дел е одделен. На пример:

ОБРАЗОВАНИЕ
- Средно економско, Јуни 1998
- Дипломиран економист, Април 2001
- Магистер по менаџмент, Фебруари 2003

Ако сите останати делови се објаснети и раскажани на ист начин, интервјуирачот ќе има може лесно да се движи низ текстот и релативно брзо да ги пронајде КЛУЧНИТЕ ЗБОРОВИ кои ги бара. Во овој случај зборот дипломиран би одговарал на спецификацијата во огласот за ВСС во областа на економијата, правото или општествените науки (ако огласот е малку поширок). Доколку приметивте, после зборовите дипломиран економист не е објаснето во која насока или група. Тоа е добро во случаи кога тоа е непотребно обременување на приказната или пак не сме во насоката која се бара (ако бараат сметководители или ревизори а ние сме завршиле на некоја друга насока). Во случај да имаме завршено точно во насоката која се бара, тоа може да се изведе вака:
ОБРАЗОВАНИЕ
- Дипломиран економист, отсек ревизија Април 2001
- Магистер по менаџмент Фебруари 2003


Ако добро приметивте сега средното образование воопшто и не е спомнато, бидејќи само ја оптоварува приказната и може да го скрие најбитното - отсекот ревизија. Затоа тој КЛУЧЕН збор е задебелен, подвлечен и итализиран, со цел да не се случи да не се примети. На крајот на краиштата, за да се запишеме на факултет мора да завршиме средно, па не мора да го потенцираме очигледното или непотребното. Лесното читање на професионалната биографија (ЦВ, резиме) е од огромна важност за нашето ЦВ да привлече внимание и се најде во 10% кои ќе бидат повикани на интервју или тестирање. Гледајќи со очи на човек кој треба да прочита 50 до 70 биографии и најчесто има многу други работи за кои е одговорен и кои се многу често поважни и поинтересни (за жал или среќа во нашите фирми ретко има експерти кои се обучени да читаат биографии) отколку читањето на биографии, јас би барал јасни и читливи биографии кои можам за помалку од 30 секунди да ги оценам дали ги исполнуваат барањата од огласот или не. Замислете дека нашето ЦВ ќе биде читано само 30 секунди! Што побрзо да кажеме, што да потенцираме за да не биде неприметено, со што да се пофалиме, со што да кажеме дека сме подобри од другите??? Овој начин на размислување е многу реален и корисен за нас кои пишуваме биографии бидејќи не тера да фокусираме на најважното, да направиме читлив документ во кој карактериситките од огласот (КЛУЧНИТЕ ЗБОРОВИ) кои ги исполнуваме јасно ќе бидат потенцирани и назначени. Значи сакаме да постигнеме во тие 30 секунди окото и мозокот на читателот да се фокусираат на нашите јаки страни. Затоа читливоста е важна и мора да биде изведена на оригинален но едноставен начин.

Читливоста значи лесен и брз преод од еден на друг дел. Тука форматот за кој зборувавме и примерокот кој го дадовме во претходниот број игра круцијална улога. Тоа што луѓето го забораваат е да не го направат ЦВ-то монотоно, еднолично и досадно. Ако двете страни или целата страна е еднолична (значи не е разиграно, нема подвечени зборови, нема здебелени букви, нема наслови кои јасно се издвоени од текстот, шансите дека ќе го заспиеме читателот е голема.
Нашата цел е да го освежиме читателот со нови идеи, линии, формати, фонтови на букви... Земете го вториот пример погоре. Дали приметивте дека датумите на завршување наместо веднаш до текстот се однесени на крајот од страната??? Дали знаете дека тоа е многу почитливо отколку примерот кога се тие споени со зборовите? Зошто? Едноставно, окото го апсорбира побрзо, без напрегање. Тоа што е важно, е теркот кој ќе го започнете на почетокот да го држите во текот на целото ЦВ со цел конзистентност и разбирливост. Значи ако одберете да ги ставате датумите одвоено, правето го тоа секаде. Тоа ја зголемува читливоста.

Запомнете: нашето ЦВ може да биде читано само 30 секунди!!!

Карактеристика 4: ЦВ-то несмее да има НИТУ ЕДНА ГРЕШКА (граматичка, јазична, не дај боже печатна или правописна)

Искрено да ви кажам, ОВДЕ НЕМА МИЛОСТ!!! Ние што читаме биографии не можеме да поднесеме печатни грешки. Најголем број на биографии се елиминираат токму по принципот на печтни, граматички или технички грешки. За оние кои сакаат да посветат само 30 секунди по едно ЦВ, најлесен и најбрз начин на елиминирање е: најди минимум две грешки, потцртај ги и помини на следното ЦВ. Бидејќи многу често биографиите ги читаат панел тимови (тимови од луѓе кои даваат индивидуални оценки и потоа седнуваат заедно и ги кажуваат само финалните кандидати) секој читател сака што побрзо да елиминира некоја биографија. Затоа нема милост. Најлесен начин за да бидеме тргнати на страна и да не бидеме викнати на интервју е да имаме грешки во биографијата. Ако нашата приказна е грешна или со грешки, кој ќе сака да не вработи? Ако вие немате доволно време да си ја прочитате биографијата и ги поправите вашите печатни или граматички грешки значи дека не сте:
- темелни,
- вредни,
- организирани,
- сериозни,
- професионални,
- внимателни,
- аналитични,
- искусни,
- добар пишувач на писма и извештаи,
- добар комуникатор,
- вреден дел од тимот.

Со други зборови: ако ние самите не сме ја прочитале нашата биографија, зошто некој друг да ја чита? Гледате како лесно се испушта добро работно место, само поради немарност и незнаење? Бидејќи конкуренцијата во Македонија е голема, навистина никој не би примил некој кој не ги поседува горенаведените особини. Ако ние самите неможеме да ја раскажеме нашата ПРИКАЗНА без грешка, значи не не бива. Бидејќи има кандидати кои имаат биографии без грешки ние отпаѓаме и не ни се јавуваат да ни кажат дека не одбиле. Значи се може да се истрпи, ама печатни, граматички и технички грешки не. Затоа, како што веќе споменавме - треба критички да го прочитаме нашето ЦВ-и минимум 5 пати и барем други двајца да го прочитаат. Мора да побараме повратна информација од тие кои прв пат го читаат нашето ЦВ дали им е јасно и дали има грешки. Најдобро е некој друг да го прочита и огласот и нашето ЦВ-и и да ни даде сугестии како да го подобриме ЦВ-то.
Запомнете: никаква грешка не смее да има во нашата биографија!!!

cv

Пропратно писмо

Пропратното писмо има неколку имиња: мотивациско писмо, писмо за пријавување, писмо за аплицирање итн. На англиски се нарекува *Cover letter или насловно писмо во наш превод. Од самите имиња можеме да ги изведеме функциите за важноста на ПП:

- Тоа е првиот документ кој воопшто го гледа оној кој ќе ја чита нашата ПБ
- Тоа е писмо бидејќи се пишува како писмо, со дата, наслов, предмет на обраќање, со вовед, текст и заклучок
- Тоа е писмо во кое се наведуваат нашите намери и нашата мотивација зошто аплицираме за работното место
- Во него се пишува и објаснува со реченици (за разлика од ПБ каде сме концизни, кратки и не се расплинуваме со зборови)
Пропратното писмо и дава душа на професионалната биографија. Без пропоратното писмо нашата ПБ нема душа и топлина, нема личност позади зборовите. Затоа и толку многу се бара ПП – за да се оцени колку што може подобро човекот кој ја напишал биографијата. Ако некој друг може да ви ја напише ПБ, тогаш може да ви напише и ПП, но тоа е малку потешко, затоа што зборовите и речениците е најдобро да се ваши.

ШТО САКА ДА ДОЗНЕ ЧИТАТЕЛОТ ОД ПП?
Значи тој кој ја има нашата ПБ преку ПП сака да дознае кои сме всушност ние, зошто конкурираме за работното место во таа фирма, зошто сме помислиле да аплицираме, што не мотивирало да се пријавиме на конкурсот, што знаеме за фирмата за која конкурираме. Исто така, тој или таа што чита ПП сака да го види стилот со кој ние се изразуваме и начинот на кој пишуваме. Е сега, тоа може и да не е важно доколку конкурираме за работник на ЦНЦ машина во дрвната индустрија, но сепак доброто изразување во пропоратното писмо отвора една важна врата: врата која се вика Јас ќе можам да се разберам со него/неа!!! Тоа е помислата што тој кој чита пропоратни писма мора да ја почувствува, посебно што многу често тоа е и самиот претпоставен кој утре нас ќе ни биде претпоставен (шеф, директор, раководител, тим лидер..)

ДАЛИ ТРЕБА ДА НАПИШЕМЕ ШТО ЗНАЕМЕ ЗА ФИРМАТА ЗА КОЈА КОНКУРИРАМЕ? Некои луѓе сметаат дека тоа треба да го оставиме за на интервју, но ако не стигнеме до интервјуто можеме колку сакаме да знаеме за фирмата. Затоа во ПП секогаш влегува барем една реченица за информациите и можеби уште подобро, нашето мислење за фирмата за која конкурираме. Мојата препорака е обавезно да се спомне што знаеме за фирмата и зошто ни е важна или зошто сакаме токму во неа да работиме. Тоа најчесто оди едно по друго: затоа што вашата фирма работи со шпедиција, а јас имам искувство со тоа, се пријавувам на вашиот оглас...

КОИ СЕ ГЛАВНИТЕ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ОДЛИЧНО ПРОПОРАТНО ПИСМО? Поточно, главните елементи кои треба да ги има една ПП се следните: - деловен формат на писмо
- почнува со формална прва реченица
- јасни и читливи реченици
- објаснети се нашите предности и силни страни
- објаснето е зошто сакаме да работиме на тоа работно место- има јасен тек на речениците и се покажани нашите писмени комуникациски способности
- има јасен одговор зошто баш нас- завршува со молба за интервју или средба
При објаснувањето на ПП, ќе искористиме еден пример кој паралелно со објаснувањето ќе го приложуваме дел по дел. Еве го првиот дел од ПП:

Душко или Стојан ххххххххх
ул: хххххххххх број 23/10, Скопје или Кавадарци
Тел: 02 или 043 ххх хххх
Мобилен: 070 или 075 ххх ххх
Е-мејл: dusko_g@yahoo.com
Дата: хх.хх.2004
До: (име на фирмата за која аплицираме, со болдирани букви) адреса и град
Почитувани,
Во врска со вашиот оглас објавен во хххххххххххххххх (името на весникот преку кој сме го прочитале огласот или името на контактот кој не пропорачал) на ден среда, хх.хх.2004 година се пријавувам за позицијата хххххххххххххх (да речеме економист (приправник)).

Карактеристика #1:
Деловен формат на писмо Сега на дело видовме зошто овој документ се вика пропоратно писмо и зошто треба да има деловен изглед и формат. Овој формат покажува колку сме деловно писмени и колку имаме искувство со пишување писма. Исто така покажува дека имаме искувство со пишување и писмено комуницирање. На крајот покажува дека нашата слика е полна со знаење и вештини.

Јован Маџовски, обучувач за човечки ресурси
Извор: Вработување
 
Објавено на 02.09.2011 во категорија Живот
 
 

Препорачани вести од Facebook

Слични вести од Fakulteti.mk