Д-р Неле Карајлиќ: „Среќен сум што ме читаат од Вардар до Триглав“

Д-р Неле Карајлиќ: „Среќен сум што ме читаат од Вардар до Триглав“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Солунска 28“ е новиот роман на познатиот музичар, кој завчера го промовира на штандот на македонскиот издавач „Арс Ламина ‒ публикации“

Д-р Неле Карајлиќ е секогаш драг гостин на македонската публика. Некој ја ужива неговата музика („Забрањено пушење“), друг неговата одлична смисла за хумор („Топ-листа на надреалистите“), а во последните години си придоби и свои читатели со автобиографскиот роман „Фајронт во Сараево“, кој пред две години на македонски јазик го објави „Арс Ламина ‒ публикации“. Многу негови обожаватели синоќа дојдоа да го поздрават на штандот на оваа издавачка куќа на Саемот на книгата, каде што беше промовиран неговиот нов роман „Солунска 28“.


Д-р Неле Карајлиќ

Во интервјуто за Факултети.мк, за тоа дали се радува на повторната средба со македонската публика, тој вели:
- Се радувам кога и да дојдам во Скопје. Тоа е празник за моето срце, за мојата глава, а и за желудникот. Сега се обидувам да направам континуитет во доаѓањата затоа што претходно многу време ме немаше. Во ноември бев поради музика, сега сум овде малку поради книгите - вели Неле.

Која е улицата „Солунска 28“?

- „Солунска 28“ се практично сите улици низ кои сум поминал откако сум се родил до денес. Сите тие улици имаат симболично значење, тие се тие што водат од исток на запад и од север на југ, таква е и таа „Солунска 28“, која води кон Солун. Моите „солунски улици“ се сместени во Сараево и во Белград. Целиот роман се потпира на нешто што е факт - дека мојот прадедо таму направил куќа. Романот нема никаква врска со историјата. Тој е измислен, но самиот почеток на тој роман и инспирацијата ги најдов во таа вистинита приказна. Затоа го сместив во почетокот на 20 век. Имам намера да раскажам приказна поврзана со таа куќа во целиот 20 век. Мислев дека ќе ставам сѐ во еден роман, но сфатив дека тоа се премногу страници, затоа решивме да има три книги.

Прилично доцна во животот почнавте да пишувате. Како се појави тој порив?

- Мене сѐ уште не ми е јасно како ми дојде да пишувам на 58 години. Кога бев млад, многу читав и таа навика ми остана. Не сум некој што вежбал пишување, ниту пак се трудев да направам нешто посебно. Но, целата книжевност ми беше пасија, моја љубов.

Читаат ли Србите? Ги почитуваат ли своите автори?

- Да, многу. Книгите се сами по себе многу барани производи во Србија. И мојата прва книга помина одлично. Многу сум задоволен. Кај нас постои култ кон читањето и убеден сум дека можеби и најмногу се чита, во споредба со земјите од регионот. А особено постои култ кон домашните автори. Јас можеби не сум најтиражниот, но сум еден од оние поради кои публиката купува книги.


Голем интерес за промоцијата на книгата „Солунска 28“

„Фајронт во Сараево“ направи вистински бум и во регионот. Очекувавте ли таков успех?

- Можам ли да не бидам среќен кога книгата ми се чита од Вардар до Триглав. Добро е што мораше да се преведува само на македонски и на словенечки јазик зашто во другите земји ја разбираат и на српски. Многу ми е мило што тој роман - автобиографија успеа да привлече внимание и да најде толку читатели, зашто тоа го заслужува, не само како мој поглед на свет и тоа убаво време во кое живеевме заедно, туку и поради тоа што на младите читатели им открива некои мали тајни што не ги знаат.

Познати сте и по добрата смисла за хумор. Таа не изостануваше ниту во првата книга. Каков е случајот сега?

- Хуморот за мене е нешто многу важно во животот. И во најцрните моменти се смееме. На погребите „паѓаат“ најдобрите шеги. Хуморот секогаш го ставам и во контекстот на реалниот живот, така и во овој роман.

Би снимиле ли филм според „Солунска 28“?

- Кога би нашол продуцент, би го преточил во сценарио со задоволство. Книгата е пишувана со убав тек на настаните, има филмски модел. Како дете, а и подоцна, пораснав со филм. Верувам дека и Достоевски да живеел во 20 век, би имал таков начин на пишување. Ама вака, затоа што не знаел што е филм, не можел така да пишува.