Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

"Нај..." географија

 
Ако некој ве запраша која е најдолга река, која е највисока планина, кој е најголем континент или океан, поголем дел од вас ќе знаат дека највисок врв е Монт Еверест (Хималаи) и достигнува 8.848 m над нивото на морето, најголем континент е Азија и зафаќа површина од 44.383.000 км кв., најдолга река е Нил (Африка) и има должина од 6.695 км, а најголем океан е Тихи Океан со површина од 179.379.000 км кв., каде во близина на Маријанските Острови се наоѓа и најголемата длабочина на земјината топка која изнесува 11.032 м. Некој можеби ќе рече дека знае и за други „нај“ работи во географијата, но за секој случај еве уште неколку податоци.



Најголем полуостров е Арабискиот (Азија) кој има површина од 2.700.000 км кв.

Најголем е Данскиот остров Гренланд со површина од 2.130.800 км кв.

Ојос дел Соладо, кој се наоѓа во Чиле (Јужна Америка), е највисокиот вулкан на светот со надморска височина од 6.893 m.

Најголема пештера во светот е Мамутската. Таа се наоѓа во истоимениот национален парк во државата Кентаки (САД). Вкупната должина на досега истражените пештерски канали, кои се протегаат на пет катови (нивоа), изнесува 560 км.

Најголем кањон е Големиот Кањон на реката Колорадо, кој се наоѓа во државата Аризона (САД). Долг е 446 км, има различна широчина која се движи од 6,4 до 29 км, а длабок е над 1,83 км. За да го добие денешниот изглед потребни му биле околу 6 милиони години.

Најголемата пустина е Сахара (Африка). Таа е поголема од континентот Австралија и има површина од околу 9.100.000 км кв.

Највисоката температура е регистрирана во Ал Азизијах (Либија) на 13 септември 1922 год и изнесувала 58 степени Целзиусови, додека најниската е регистрирана во базата Восток (Антарктик) на 24 август 1960 год и изнесува -88,3 степени Целзиусови.

Најголемото годишно количество на врнежи е регистрирано во Черапунџи (Индија) во 1960-61 година и изнесувало 26.461 мм. Доколку споредиме кај нас, во Жировница (Ростуше), било измерено максималното годишно количество на врнежи во Македонија, до сега, кое изнесувало 1.400 мм.

Најголемата брзина на ветер е забележана на Монт Вашингтон (САД) 1934 год и изнесувала 371 км/час.

Највисок водопад е Енџеловиот, кој се наоѓа во Венецуела (Јужна Америка), на малата река Чурун, која е притока на Карони и достигнува височина од 979 м. Поради огромната височина, водата пред да стигне до најдолните делови од водопадот, е расеана од силните ветрови и се претвара во магла.

Мртвото Море е познато по две „нај“ карактеристики. Тоа е најсолена водена површина на светот, поради што во него нема жив свет, многу е густо и слободно може да се легне и да се читаат весници, без да се потоне. Другата специфичност е тоа што се наоѓа во најголемата депресија на светот, дури 392 м под нивото на Светското Море.

Во однос на површината најголемо езеро е Каспиското (Азија-Европа) со 371.000 км кв. Тоа е остаток од некогашното море Тетис. Има солена вода, па некои го сметаат за море, меѓутоа хидролошки гледано тоа е езеро бидејќи од сите страни е опколено со копно и не е поврзано со Светското Море.

Најдлабоко езеро е Бајкалско (1 741 м). Се наоѓа во Азија, поточно во Русија, и го нарекуваат “украс на Сибир”. По начинот на настанок тоа е тектонско езеро. Во него има 45 острови. Ова езеро има голема провидност, дури 40 м во длабочина. Од декември до мај тоа е замрзнато и во тој период низ него не се одвива сообраќај.

Најголем глечер во светот е Ламбертовиот, кој се наоѓа на Антарктикот. Тој е долг 500 км, а широк 80 км и се движи еден до два метри дневно кон отворениот Атлански Океан.

Се надевам вие кои знаевте поголем дел од темава научивте уште нешто ново, а кај останатите се роди поголема љубопитност за запознавање на географијата.

Подготвила: Гордана Бошковска, дипл. професор по географија
Извор: igeografija.mk/Portal
 
Објавено на 12.05.2012 во категорија Наука
 
 

Препорачани вести од Facebook

Слични вести од Fakulteti.mk