Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

На ФИНКИ помали редови за чекање, ФЕИТ планираат зголемување на квотите

 

Студентите кои се запишаа на ФИНКИ изминатата година сигурно ќе се сетат на големиот ред пред просториите во кои беа спроведени уписите. Оваа година, ситуацијата е малку поинаква.




Доколку се суди според првиот ден од овогодинешните уписи, може да заклучиме дека студентите повеќе не ги избираат модерните технолошки науки, туку се враќаат кон традицијата. Во 12 часот, на ФИНКИ се беа запишале 400 студенти, додека на ФЕИТ имало приближно 250 идни студенти. Во споредба со изминатата година, на ФЕИТ е забележан пораст за 30%, додека на ФИНКИ се чини дека се пријавиле помалку студенти.


Втората добра вест за ФЕИТ се полните смерови. Како што нѐ извести продеканот за настава на факултетот, Проф. Д-р Христина Спасевска, новите бруцоши се запишуваат рамномерно на сите смерови. „Планираме да бараме проширување на квотите за да може уште повеќе студенти да се запишуваат во државна квота бидејќи државните квоти веќе се пополнети на речиси сите смерови“, изјави Спасевска.


Оние студенти кои се запишаа на ФИНКИ годинава одат таму за да добијат знаење. Неколку прашани студенти сметаат дека факултетот има квалитетен кадар кој ќе им пружи доволно знаење и ќе претставува отскочна даска за иднина. Сите идни студенти кои денес се запишаа на ФИНКИ се задоволни од организацијата на уписите.



Што се однесува до Машинскиот факултет, бројот на нови студенти е приближно ист како изминатата година, со можен мал пораст. Како и изминатата година, оваа година се очекува најголем број студенти на смеровите: мехатроника, индустриски дизајн и индустриско инженерство и менаџмент. Студентите се запишуваат тука бидејќи ги интересира областа и затоа што сметаат дека кога ќе завршат ќе имаат сигурна работа.


Она што не им се допадна на младите кои денес поднесоа документи за упис на Машинскиот факултет е долгото чекање. „Чекаме час и половина за еден човек, чекавме неколку часа за да стигнеме на ред“, изјавија двајца идни студенти. Нивното тврдење беше поткрепено и од сликата на местото кадешто се вршеа уписите:



Според првичните податоци, ФИНКИ останува да биде водечки технолошки факултет на УКИМ со најмногу пријавени идни студенти, но можеби не за долго. Се чини дека изминатата година беше врвот кој ФИНКИ можеби нема да го достигне повторно. Но останува да го дочекаме и вториот ден на уписите, а потоа и вториот и третиот уписен рок за да се донесе конечен заклучок. 


 
Објавено на 15.08.2013 во категорија Образование
Подготвил: Драгана Петрушевска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook