Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Јавен повик за избор на "Најдобар млад научник" за 2013 година

 
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на следната година по четврти пат ќе го додели признанието „Најдобар млад научник“.



 
Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2013 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
 
Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.
 
Проектот „Најдобар млад научник“, инициран од страна на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, има за цел  да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.
 
„Преку овој проект се воспостави традиција за избор на најдобар млад научник на годишно ниво, што претставува поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија. Доделувањето на признанието претставува валозирација на заложбата на претседателот Иванов за поддршка на науката, научните установи, младиот научен кадар, како и за изнаоѓање на начини за стимулирање на вложувањата во науката“, вели проф. д-р Атанас Кочов, претседател на Комисијата за доделување на признанието „Најдобар млад научник“.
 
Признанието „ Најдобар млад научник“ беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада.
 
Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.


 
Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник“ беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.

 

Апликацијата треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2013 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.
 
Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2013 година.

ЛИНК ДО ПОВИКОТ
 
Објавено на 16.11.2013 во категорија Конкурси
 
 

Препорачани вести од Facebook

Слични вести од Fakulteti.mk

Галерии

Лексикон

Издвојуваме

Конкурси