Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз него и кликнете два пати.
 

Интервју со Игор Јосифов, македонски уметник кој создава уникатни уметнички дела

 

Неретко пишуваме за успешни млади луѓе низ светот. Се обидуваме да Ве запознаеме со Македонци кои успеале да ја претстават нашата земја и да станат амбасадори за бизнис, музика, уметност итн. Игор Јосифов е еден од малкумината кои успеале да изградат уметничка кариера во странство, и тоа во САД. Она што го прави Игор посебен е неговата уникатна техника на создавање уметнички дела. Имено, тој не користи боици и четки, туку оган. Резултатот е прекрасен, навистина.






Ф: Зошто се одлучи токму за огнот како алатка? 


И: Сè почна како дел од перформанс проект „Manumission“ на кој почнав да работам од 2007 и симболично почнав да го користам огнот како дел од процесот на работа. Значи, експериментирам веќе 7 години и можам да кажам дека сум многу задоволен од многуте техники кои произлегоа со текот на времето. Многу ми се допаѓа тоа што огнот на некој начин го ослободува цртежот и се рефлектира на вториот слој на хартијата и има доста течен ефект. На некој начин е како сликање со оган, потребна е интензивна концентрација и нормално, да знаеш кога да престанеш, затоа што самиот процес на горење нема враќање назад. 







Ф: Што ти претставуваше најголем предизвик додека ја усовршуваше техниката? 


И: Најголем предизвик ми беше како да ја манипулирам техниката за да постигнам различни ефекти, а со тоа да ја усовршам техниката и да научам нови работи преку самиот процес. Со текот на времето почнав да се фокусирам исклучително на оваа техника и форматот на делата постепено почна да се менува. Минатата недела го создадов досега најголемото дело со оваа техника и ќе биде изложено оваа несела во галеријата „Northcutt steele“. Делото се вика „river of memories“ и всушност се 45 ликови кои на некој начин се спојуваат во една форма на хартија долга 4 метри. Моментално ми е предизвик користењето елементи на перформанс, видео, инсталации, за да ги презентирам моите идеи на најдобар можен начин а со тоа да можам да ја пренесам пораката визуелно и концептуално. 


Ф: Што ти одзема најмногу време деновиве? 


И: Моментално сум „artist residence“ во „Yellowstone art museum“ во Билингс, Монтана до 1-ви март, па одам за Сан Франциско до 4-ти март. На некој начин, оваа година славам седум години со оваа техника и нечесто ќе изложувам дела периодов тука, а и во Париз во „Grand Palais“ заедно со „Galerie EGP“ од 27-ми до 31-ви март. На 7-ми март ќе правам перформанс во Атина во културниот центар „Онасис“, а после тоа ќе бидам во Македонија накратко пред да одам за Париз. Во меѓувреме ќе издадам книга/каталог што би требало да започне да се печати до средината на март. 2014 е доста исполнета со проекти и многу работа што ме прави доста среќен. 


Ф: Дали работиш на проекти во Македонија? 


И: Моментално немам некој солиден план, јас секогаш работам на проекти без разлика каде сум, а за следно изложување во Македонија немам план. Нормално, тоа може да се смени во брзо време. 






Ф: Дали имаш идоли? Сигурно некој уметник делува инспиративно на тебе. Ќе ни го откриеш? 


И: Јас најчесто се инспирирам од животот, а и нормално од процесот на создавање уметност. Нормално, има доста уметници кои ги почитувам и во зависност од кој период и значењето на делата што ги создавале и кои ги создаваат, многу млади современи уметници, а и од постарите како Tehching Hsieh кој имав можност и чест да го запознаам во Њујорк. Тој ми е дефинитивно еден од омилените перформанс-уметници на кои животот и уметноста се толку споени и рефлектираат на тоа колку човекот како битие може да помине многу ментални граници и издржливост и на некој начин самите долги перформанси стануваат инспирација не само во уметноста туку и во животот. Christian Boltanski е гениј во уметнички инсталации... можам да раскажувам до бескрај за сите искуства и изложби, уметници, дела што сум ги студирал и кои имаат оставено трајна трага во светот на уметноста, а воедно и придонеле со своите силни дела до ослободување на лимитите кои ги носи општеството. 


Ф: Би можел ли да издвоиш едно дело на кое си најмногу горд? 


И: Моментално сум многу горд на тоа како ми напредува развојот на техниката со горење веќе 7 години, со заокружување на програмата во „Yellowstone art museum“ и на изложбата каде што ќе изложам преку 80 дела во галеријата „Northcutt steele“. На некој начин со оваа соработка во овие простории прославувам 7 години експериментирање со оваа техника и сум доста среќен како ќе се поврзе сè како што треба. 


Ф: Каков студент беше? 


И: Доста амбициозен, секогаш отворен за експериментирање на нови медиуми, најважно отсекогаш ми беше да ги совладам техниките најдобро што можам, да научам да зборувам преку визуелниот јазик и нормално со тоа да ги реализирам моите идеи и дела. Мислам дека училиштето никогаш не завршува. Најмногу научив преку работата и животот. За мене, и покрај многубројните изложби и перформанси што сум ги направил во минатото се чувствувам дека сум на почетокот. 





Ф: Дали некогаш би се вратил да живееш во Македонија? 


И: Моментално распоредот со проекти ми е доста интензивен и се состои од многу патувања што многу често изморува, колку и да е возбудливо. Би сакал да се вратам на некој период и да ја посетам Македонија најмалку еднаш годишно ама никогаш не се знае каде ќе однесе патот... сè уште сум во потрага во кое место најмногу се пронаоѓам ама изгледа како светот е еден целосен дом за мене. Моментално тешко да се посадат корени на едно место... 


Ф: Која е твојата порака за студентите и уметниците? 


И: Бидете упорни и работете на себе да ја усовршите и негувате својата страст, професијата, животот и најважно бидете среќни. Не гледајте кон никој како конкуренција затоа што секој си е различен и посебен на свој начин, а и е најголемо губење на време и енергија. Останете инспирирани и позитивни секогаш. :)




Погледнете повеќе дела од Игор ОВДЕ.


Неговата официјална страница може да ја пронајдете ОВДЕ.

 
Објавено на 21.02.2014 во категорија Интервјуа
Подготвил: Драгана Петрушевска
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook

Галерии

Лексикон

Интервјуа