Лексикон: За да го видите значењето на даден збор во рaмките на веста, позиционирајте го покажувачот врз истиот и кликнете два пати.
 

Македонија ќе добие лабораторија за јонизирачко зрачење

 
На Факултетот за електротехника и информациски технологии, денеска, се одржа работилница „Технологии за третирање на храната со јонизирачко зрачење“, на кое говореше Ив Хенон, експерт од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).



Храната се третира со јонизирачко зрачење за да се уништат штетните бактерии, габите и паразитите, да се продолжи рокот на траење на овошјето и зеленчукот, да се стерилизираат одредени пакувања и за многу други намени. Важно е да се потенцира дека оваа храна не е радоактивна.

„Третирањето на храната со јонизирачко зрачење овозможува уништување на микроорганизмите, бактериите, вирусите, инсектите и токсините. ФЕИТ е координатор на овој проект, финансиран од МААЕ, за да се видат можностите за имплементацијата на овие технологии. Идејата е не лошиот производ да се направи добар, туку добриот производ да се направи уште подобар. Ќе се направи сертифицирана и акредитирана лабораторија која на почетокот ќе ја испитува храната што се увезува од странство, а е третирана со јонизирачко зрачење. Подоцна, интенцијата е да се контролира и домашната храна“, вели проф. д-р Христина Спасевска, координатор на проектот МАК5007.

Мобилниот дел од лабораторијата веќе е набавен, а наскоро ќе пристигне и останатата опрема. Во овој проект, освен ФЕИТ како координатор, се вклучени експерти од Биотехничкиот факултет од Битола, Дирекцијата за радијациона сигурност, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оваа технологија, според Хенон, во светот постои околу 40 години и се користи за подобрување на својствата на храната. Повеќе од 50 држави во светот ја третираат/пастеризираат храната, а меѓу нив се Белгија, Бугарија, Чешка, Германија, Естонија, Франција, Унгарија, Холандија, Полска, Русија, САД, земји од Африка и од Азија.

„Тука сум да помогнам да се зголеми интересот кај индустријата и истражувачките организации за оваа корисна технологија. Таа има многу примени, почнувајќи од подобрување на пластиката се до заштита на храната која треба да се направи побезбедна“, рече Хенон.

На работилницата, на која учествуваа претставници на научната јавност, на компаниите и државните институции во Македонија, се расправаше за можноста што ги нуди јонизирачкото зрачење и начинот на кој оваа технологија може да се примени во Македонија.




Предавањeто на тема „Технологии за зрачење, нивна комерцијална примена и третирање на храната со јонизирачко зрачење“ одржа Ив Хенон (Yves M. Henon), експерт на МААЕ, кој повеќе од 20 години работи во МААЕ како ескперт за примена на јонизирачко зрачење на храната и стерилизација на медицински материјали. Во областа на јонизирачко зрачење работи од 1980 година во Лабораторијата за третирање на храна со јонизирачко зрачење при Француската Комисија за атомска енергија. Од 1987 година е ангажиран од повеќе индустриски гиганти за изградба и раководење на големи повеќенаменски постројки за јонизирачкото зрачење и медицинска стерилизација во Европа и Азија. Од 2006 Henon како консултант е вклучен во повеќе проекти од оваа област.  
 
Објавено на 25.03.2014 во категорија Наука
 
 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Препорачани вести од Facebook