Наместо државава, донатори ја дополнуваат стипендијата на Александар за „Џулијард“

Наместо државава, донатори ја дополнуваат стипендијата на Александар за „Џулијард“

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во моментот кога стигнав до најдобрата точка од школувањето, за да го дадам најдоброто од себе за мојата држава, се соочувам со финансиски проблем бидејќи моето семејство буквално е „исцедено“, вели Александар Иванов

На онлајн-платформата gofundme почна акција за собирање 35.000 американски долари за да може нашиот најдобар млад виолинист Александар Иванов да студира на „Џулијард“ во Њујорк. Тој е првиот виолинист од Македонија што доби стипендија на можеби најпрестижната музичка школа во светот. Но, според нивните пропозиции, тие никогаш не стипендираат целосно. Денес, по години вложување во талентот семејството на Александар веќе нема сили да го финансира последниот билет за да се исполни неговиот сон.


Александар Иванов / Фото: Маја Аргакијева

- На „Џулијард“ добив една од највисоките наградни стипендии, од 75 отсто. Но, преостанатата сума е огромна за моето семејство. За да стигнам до „Џулијард“, целото финансиско бреме беше на товарот на моето семејство - натпревари, патувања, хотели, авионски билети, мастер-класови, приватни часови, купување инструмент, аудиции... Во моментот кога стигнав до најдобрата точка од школувањето, за да го дадам најдоброто од себе за мојата држава, се соочувам со финансиски проблем бидејќи моето семејство буквално е „исцедено“. Ние, музичарите, мора да полагаме аудиции ако сме селектирани, што повлекува дополнителни трошоци, сместување, патувања... За последните аудиции, во март во Њујорк, беше потребна огромна сума - објаснува Александар за Факултети.мк.

Александар (18) веќе три години приватно работи со светскиот виолинист Светлин Русев - професор на Парискиот конзерваториум и концерт-мајстор на оркестарот на Радио Франс и на Женевската филхармонија.


Музичката школа „Џулијард“ во Њујорк / Фото: Wikimedia Commons

- Не само што е врвен виолинист туку е и извонреден педагог. Со него остварив неверојатен контакт, кој и понатаму ќе трае. Студирањето на „Џулијард“ за мене е потврда на талентот, но и понатамошно градење и усовршување, подготовка за големи светски натпревари - вели Александар.

Сметката на gofundme ја отворила Искра Поленак, наша иселеничка. Од потребните 35.000 досега се собрани 2.300 долари. Поленак ја објаснила ситуацијата во која се наоѓа Александар:

- Што треба за сонот да се претвори во реалност? Да доаѓаш од сиромашна земја, со мали ресурси и сепак да пронајдеш страст и работна етика да добиеш меѓународно признание, натпреварувајќи се против оние со длабоки џебови и супериорна образовна поддршка? Александар Иванов е првиот македонски виолинист примен на музичката школа „Џулијард“. И му треба помош за да стигне таму.


Александар на еден од неговите настапи

Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ кон крајот на март објави на социјалните мрежи:
- Голема чест и признание на досегашната работа е да се дознае дека ДМБУЦ успеа да му овозможи знаење за музичко надградување на нашиот ученик Александар Иванов за да продолжи на врвната школа „Џулијард“. Браво, Александар!

Сепак, нашиот голем талент сè уште нема поддршка од институциите.
Александар Иванов има богата биографија зад себе, иако има само 18 години. Тој е најмладиот добитник на наградата „Виртуози“, која ја организираат Националната опера и балет, Филхармонија и Сојузот на композиторите на Македонија. Добитник е на многубројни државни и меѓународни награди. Покрај работата со Светлин Русев, посетувал мастер-класови со еминентни светски виолинисти: Вадим Репин, Леонид Кербел, Ноа Џелер, Надја Невелович...