Професорскиот пленум и натаму цврсто стои зад барањето за повлекување на законските измени

Професорскиот пленум и натаму цврсто стои зад барањето за повлекување на законските измени



Професорскиот пленум нема да учествува на денешната средба организирана од МОН. Прочитајте го во целост соопштението од Професорскиот пленум.

Ја известуваме јавноста дека претставниците на Професорскиот пленум нема да учествуваат на таканаречената „средба за размена на мислења и аргументи“ за измените на Законот за високо образование, која е организирана од Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, денеска во 13.30 часот во хотелот Александар Палас.

Професорскиот пленум, составен од речиси петстотина професори од различни универзитети НЕ САКА да му даде легитимитет на овој настан чија единствена цел е да искреира привид на транспарентност и партиципативност во донесувањето октроирани закони.

Сметаме дека со оваа постапка се прави обид вонинсититуционално да се „коригира“ и супституира Собранието на РМ како законодавно тело што е спротивно на уставното начело за поделба на власта и владеење на правото, посебно во овој момент откако измените на Законот ја поминаа првата фаза во Собранието и тие се речиси едногласно изгласани.

Професорскиот пленум и натаму цврсто стои зад БАРАЊЕТО ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ, ЗА КОИШТО СМЕТА ДЕКА СЕ УШТЕ ЕДЕН ПОЛИТИЧКИ АТАК ВРЗ ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ.

Членовите на Професорскиот пленум преку изјава за медиумите ќе ја образложат својата одлука во 13:00 часот, пред хотелот Александар Палас. Ги покануваме медиумите да го проследат настанот.

ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ